Рутинска победа на Македонија од 27:21 над дебитантот и аутсајдер Грузија во третото и последно коло од групата Ф за пласман во главната фаза на 10. Светско првенство за ракометари до 19 години во Хрватска, каде што противници ќе ѝ бидат Данска и Австрија од групата Е.
„Црвено-жолтите“ не блескаа, штедејќи ги силите за следните дуели на мундијалот, но ги контролираа играта и резултатот во текот на целиот натпревар во Спортскиот центар „Замет“ во Риека.
Левото крило Дамјан Субашевски беше најпрецизен во македонскиот тим со 6 гола без промашување, а десното крило Ненад Белистојановски имаше ефект 6/8 во нападот, но признанието за најдобар играч на мечот го понесе голманот Иван Галевски за одбранетите 11 од 32 упатени удари кон неговиот гол или 34 проценти.
Конечниот пласман во групата, а со тоа и првиот ривал во главната фаза в понеделник, ќе го одреди резултатот од дуелот меѓу лидерот Норвешка и Црна Гора од 19:30 часот.
Линк од целиот натпревар Македонија – Грузија:






