Колемишевски: И Грците да влезат во Уставот…

(…)



„Зошто во Уставот треба да има место и за грчкиот народ?

Одговорот е прост: Ако има место за наброените делови од народи, зошто и Грците во Македонија, колку и да се, да не бидат во тој ред. Како што е познато, според предлогот на Владата, за впишувањето на деловите од народите нема некое посебно поединечно образложение. Сите се ставаат топтан, на куп, иако има големи разлики меѓу едни и други, има различни намери и цели“ пишува новинарот Панде Колемишевски во колумна за „Нова Македонија“.

Колемишевски потсетува дека нема статистички критериум, значи статистичките бројки на жители од тие народи воопшто не се земаат во обѕир и немаат некаква бројна важност…

Оттаму, неминовно произлегува заклучокот дека одлуките за проширување и впишување делови на народи, порано се ословуваа како малцинства, се донесени од политичка природа, по некој личен суд, одоко и да се прикрие (покрие) основната цел – да се впишат Бугарите.

Единствено за нив има европска наредба.

Од сите наброени, единствено тие ги негираат идентитетот на Македонците, нивната историја, јазик и писмо. Околу нив се одвива целокупната уставна драма. Другите фрази се само убаво накитени реченици нафрлени без ред.

Еве ги другите причини зошто и Гр=ците треба да бидат впишани во уставот, вели Колемишевски и образложува:

Република * Македонија има потпишано спогодба (Преспанскиот договор) со Грција, со која го промени името на своја штета, но потпиша и спогодба за пријателство, соработка и добрососедство. Грција се обврза да не го попречува членството во меѓународните организации, вклучувајќи ја и Европската Унија.

Сегашната влада односите со Грција ги оценува како одлични и, засега, без отворени прашања, речиси. Не може точно да се утврди, но во Република Северна Македонија живеат повеќе Грци од Евреи или Словенци.

Можеби има ист или поголем број граѓани во Македонија што имаат прогрчко чувство отколку што имаат пробугарско, но тоа е друга тема.

Сакале да признаеме или да критикуваме, но неспорен факт е дека Грција е најотворената земја на светот за македонскиот народ. Секое лето од Халкидики до Пелопонез, на Егејско, на Јонско и на Средоземно Море престојуваат десетици илјади Македонци. Само во еден-два дена, викенд, низ граничните грчки премини минуваат пет-шест илјади Македонци.

Некои финансиски податоци покажуваат дека Македонците во Грција трошат милиони евра годишно. Слично е и од другата страна. Не се чувствува толку во Скопје, но во Гевгелија, Битола Прилеп нема ден а да нема стотина Грци.

Во Македонија има грчки банки, големи фирми, третина од трговијата е во нивни раце.

Солун, Лерин, Воден, Кукуш се дел од македонската и од заедничката историја со Грција. Македонците во одредени периоди имаат историски искуства слични како со Бугарите – и добри и лоши. Пред пет години Република Македонија, сепак, го помина грчкиот рубикон, иако на своја национална штета.

Впишувањето на Грците како дел од грчкиот народ сега би било израз на добра волја, на пријателство, меѓусебно почитување и доверба, исто како со сите наброени делови од народи…“ пишува Колемишевски.