Сопственичка на пекарница во Хрватска е осудена затоа што ја зголемила цената на бурекот во јануари годинава кога земјата ја замени националната валута куна со евро.
Хрватскиот портал Индекс оценува дека казнувањето на некого за промена на цената на бурекот е – изживување.
Судот ја прогласи за виновна затоа што, според пресудата, „при давање на угостителски услуги користела нефер или агресивни деловни практики забранети со одредбите од членовите 33, 34, 35, 38 и 39 точка 3 од Законот за заштита на потрошувачите и неоправдано зголемени малопродажни цени по 31 декември 2022 година“.
Инспекторите забележале дека до 31 декември 2022 година, бурек со сирење чинел 15 куни или 1,99 евра во нејзината пекара, а на 1 јануари таа ја покачила цената на бурекот на 16,58 куни или 2,20 евра, што е пораст од – 0,21 евро.
Поскапел и бурекот со месо од 15 куни на 2,20 евра.
Поради тоа, сопственичката е казнета со 666 евра. Судот нагласи дека казната е блага и тоа затоа што на 25 јануари 2023 година цените биле вратени на претходно ниво.






