Кој манипулира со податоците за Иловица-Штука?

Кој има фирма која работи за потребите на еден рудник за експлоатација на бакар оддалечен на помалку од 50 км од општините Босилово, Ново Село и Струмица? Дали е точно дека ако се отвори Иловица-Штука претходно опишаниот рудник за експлоатација на бакар ќе претрпи сериозни финансиски штети? Ова се дел од прашањата на новооснованата локална иницијатива на населението од Струмичката котлина И здравје и работа.



  • Во своето прво соопштение тие велат дека се локална иницијатива на досега тивкото население во Струмичката котлина кое вложува напор и сака низ дебата да ги слушне сите аргументи за рудникот Иловица-Штука. „Претставуваме поинаков глас не сме малку и не сме заговорници на изградба на рудник по секоја цена. Но, не сакаме да дозволиме манипулација“, соопштуваат од иницијативата И здравје и работа.

Тие ги поставуваат и овие прашања: Кој, колку и од кого има добиено пари на рака преземајќи обврска за регрутирање критична маса за ширење паника меѓу населението? Дали е точно дека некому е ветено нови финансиски приливи ако успеат да ја притиснат Владата да ги одземе двете или барем едната концесија за рудникот Иловица – Штука, најдоцна до 31 август? Кому и од кого му е објаснето дека ако се изгради рудникот Иловица – Штука, југоисточниот регион на Македонија ќе биде под целосно економско, безбедносно и стратешко влијание на западот, посочувајќи дека на 75 километри од Струмичката котлина се наоѓа воениот НАТО полигон Криволак?

  • Од оваа иницијатива велат дека заради агресивноста на неколкумина добро мотивирани гласни противници на изградбата на рудникот, локалното население и генералната македонска јавност нема еднаков пристап до сите релевантни информации. „Затоа од денес ние стануваме гласни. Имаме одговорност кон оние ‘свиркачи’ кои подолг перид не хранат со податоци од кои застанува здивот. Едноставно, дојде време за вистината“, се вели во соопштението на И здравје и работа.