Коцарев: Македонци, повикувам на промени и дејствување, да го започнеме Третиот Илинден! – Да расчистиме со лажните државотворци!

„Да започнеме со Третиот Илинден, ги повикувам на промени и на дејствување сите Македонци и сите граѓани, што искрено ја сакаат својата татковина Република Македонија! Нам ни треба и да расчистиме со лажните државотворци и владетели – слуги на геостратегиските интереси. Нив ги има многу, ама нас нè има повеќе. Македонската држава, македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската култура ќе опстојат на овие простори и во вековите, што доаѓаат, затоа што се длабоко врежани во историјата, колку тоа некому да му пречи, но и во срцата на секоj од нас. Да живее Македонија и нека ни е честит и вечен Илинден, симболот на непокорот на македонскиот народ!“ – вели академик Љупчо Коцарев, претседателот на Македонската академија на науки и уметности, во својата колумна со наслов „И словата за Словото треперат: Илинден, сто дваесет години подоцна“. Колумната ја објави весникот „Нова Македонија“.



Покрај другото, во колумната Коцарев пишува: Во пресрет на Илинден, најголемиот национален и државен празник за Македонците – празникот што претставува симбол на непокорот на македонскиот народ, ве повикувам заедно да упатиме молитва за Македонија, за Македонците, а притоа да не заборавиме дека зборот „Македонија“ подразбира, прво, просторен и милениумски континуитет на македонскиот јазик, идентитет и народ и, второ, македонскиот национален супстрат го сочинуваат Македонците што живеат во државата Македонија, во соседството и низ целиот свет.

Темни облаци надвиснале над Македонија и само Илија Громовникот може да ги растера. Првиот Илинден: Илинденското востание од 1903 година, ги симболизира слободата, еднаквоста и братството. Според Панко Брашнаров, сведок и на Првиот и на Вториот Илинден, Вториот Илинден е „последниот Илинден на неслободна Македонија“, па така  со него се градат „темелите на македонската држава“.

Зборовите „последниот Илинден на неслободна Македонија“ одекнуваат, татнат со невидена жестина, особено зборот ПОСЛЕДНИОТ, но денес, триесетина години од прогласувањето на својата независност, Македонија е повторно поробена земја: протекторат, вазал, банана-држава, неоколонијален феуд.

За тоа се исклучиво виновни македонските политичари, кои во минатите триесетина години, поддржувајќи сервилни, недостоинствени форми на владеење, поточно, на дивеење, ја претворија Македонија од слободна во поробена земја, во која целосно се суспендираат македонскиот уставен поредок и правен систем.

Бидејќи договорите со Грција и со Бугарија се важечки за меѓународната заедница, а ќе бидат важечки и решенијата вградени во нашиот правен систем, што ќе го отсликуваат суштинскиот карактер на билатералните протоколи со Бугарија, за сите други, освен за нас самите, ние ќе бидеме народ без македонски идентитет, без македонска историја и ќе зборуваме на бугарски дијалект, кој по 1945 година се именува како македонски јазик.

Договорите со Грција и со Бугарија подразбираат дека за македонскиот народ нема место во светот, место што други држави и народи досега го признале и го признаваат и со тоа местото на Македонците е загарантирано во светскиот поредок, туку дека македонскиот народ не припаѓа во семејството на сите народи.

Погрешно и наивно се веруваше дека за опстојувањето на Македонците е доволно тоа што „за идентитетот не може да се преговара, или некој да се убедува“ и оти „идентитетот свој и на другиот може само да се почитува“. Погрешно и наивно се веруваше дека во секојдневна употреба, во научните дискусии, во уметничките творби, договорите не може да забранат и понатаму да продолжиме да зборуваме и да пишуваме за Македонија и за македонскиот идентитет, историја и култура, за Македонците во Егеј и во Пирин.

За потврдување на својот идентитет како народ Македонците во целост зависат од другите држави, поточно од меѓународната заедница. Македонскиот идентитет е релативизиран намерно, за да разнебитат, да се уништат и да се понижат македонскиот народ и неговиот јазик. Нам ни треба Трет Илинден, нам ни треба расчистување со лажните државотворци и владетели.

Тие – лажните државотворци, неуки владетели и користољубиви подлизурковци ги има многу, ама нас нè има повеќе. Па, затоа порачувам: не очајувајте, заменете ги скептицизмот и песимизмот со радост, достоинственост и спокој. Моите очекувања од Третиот Илинден не произлегуваат од моментната ситуација, во која се наоѓа Македонија, главно создадена од политичките околности. Тие околности се полоши од кога било, а најголем дел од денешниве политичари се слуги на дневнопартиските и геостратегиските интереси.

Тие мои очекувања произлегуваат од мојата увереност, дури и сигурност, дека македонската држава, македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската култура ќе опстојат на овие простори и во вековите, што доаѓаат, затоа што се длабоко врежани во историјата, колку тоа некому да му пречи, но и во срцата на секоj од нас.

На сите Македонци и на сите граѓани, што искрено ја сакаат својата татковина Република Македонија им го честитам Илинден и ги повикувам на промени и на дејствување. Само во освестените и храбри македонски граѓани лежи решението за просперитетна иднина на оваа наша држава, па затоа не заборавајте дека само аргументираните и јасни научни факти недвосмислено нè водат до непобитната вистина, за која треба којзнае по кој пат повторно да се избориме, почнувајќи го и поддржувајќи го и Третиот Илинден.

Да живее Македонија и нека ни е честит и вечен Илинден, симболот на непокорот на македонскиот народ!