„Најдрско лажат речиси сѐ, што говорат највисоките претставници на оваа власт (не само) во врска со македонските евроинтеграции. Јавноста одамна е заплеткана во нивната тиранија на лаги. Шизофрениот Протокол, кој е дел од Преговарачката рамка, е ‘мозокот“ на Договорот со Бугарија.“ – вели Златко Теодосиевски, историчар на уметноста и општествено-политички аналитичар, во својата колумна со наслов „Тиранија на лаги“. Колумната е објавена на интернет-страницата „Теодосиевски уметност“
На 27 јули годинава Пендаровски изјави: „Протоколот не е дел од преговарачката рамка“. Три дена подоцна министерот за надворешни работи Османи ја филува оваа лага во дополнителна манипулативна тирада. Таквото лажење беше можеби делотворно пред една година, кога јавноста не ја знаеше содржината на Протоколот од вториот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија, ниту на „францускиот предлог“. Но тоа да се тврди и денес, после сѐ што прочитавме и видовме, е бесмислица недостојна за такви високи функции.
Шизофрениот Протокол предвидува: вклучување на резултатите од работата на т.н. Историска комисија „во наставните програми, учебници и релевантни наставни материјали, натписи на споменици, плакети, информативни материјали во музеи и други локации од образовно и културно значење, како и релевантни информации во електронски информативни медиуми во јавна сопственост“; „Владата на Република * Македонија да ѝ достави на Република Бугарија копии од сите методолошки упатства, учебници, наставни средства и други релевантни наставни материјали во образовната програма на Република * Македонија“; Македонија да се извини „за неправдите и репресиите извршени во минатото, директно или индиректно, од страна на југословенскиот комунистички режим врз граѓаните врз основа на нивното етнополитичко самоопределување, вклучувајќи ги и во однос на Бугарите“, и тн., и тн. А има уште многу, уште многу!
Тој Протокол произлегува токму од глупавиот Договор за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Македонија и Бугарија (2017), а тоа го прави многу, многу релевантен/поврзан со сите документи добиени како таканаречен „француски предлог“ од ЕУ. Тој Договор е `рбетот на Преговарачката рамка, во која дословно стои: „(…) потсетуваме на важноста од постигнување видливи резултати и спроведување на билатерални договори во добра волја, вклучително и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија“. Протоколот е „мозокот“ на овој Договор!
Зарем македонската политичка врхушка сака да каже дека документите (анекси, протоколи, меморандуми и сл.), произлезени како директен резултат од меѓудржавен договор, немаат важност како договорот? Таквото „познавање“ на нештата на претседателот и министерот нѐ доведе до ова дереџе. Тие лажат отворено и најдрско. Што добиваат со тоа? Ќе бидат изгласани уставните измени, ама потоа – многу бргу – ЕУ односно бугарската страна ќе го стави на маса овој Протокол и ќе бара негово ефектуирање! Или ќе лажат сѐ до тој момент, а после – ќе мислат ли како понатаму? Или нема да мислат?





