Нов скандал во кој се инволвирани политичките партии СДСМ и ДУИ. Советници на партијата на премиерот Ковачевски во општинскиот совет на Струга гласале за изградба на косовски споменик во Македонија.
Со поддршката на споменикот советниците на СДСМ поддржале проект кој е незаконски и кој според Инспекцискиот надзор е илегален.
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ против одлуката на Советот на Општина Струга за поставување на спомен обележје – плоча во знак на благодарност на Косово кон граѓаните на општина Струга, поведе соодветни постапки пред Уставниот Суд на Република Македонија и пред сите надлежни државни органи, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ Струга.
,,Меѓутоа, и покрај фактот што Инспекцискиот совет утврди незаконитости поради кои предметот го достави на понатамошно постапување до Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство, како исклучиво законски надлежни органи, споменикот финансиран од конзулатот на Косово деновиве беше свечено откриен.
Спорната одлука е донесена благодарение на гласовите од советниците на СДСМ, преку кои ДУИ успеа да обезбеди мнозинство и за гласањето по Бадентер. Запознат ли е премиерот Димитар Ковачевски со тоа што прават советниците од неговата партија, истите оние кои ги повика да се дистанцираат од незаконското одлучување на општината и градоначалникот, или одлуката е донесена со негово одобрение.
Нивна е одговорноста за поставување на дивоградба од странска држава, нешто што не само што е спротивно на законите, туку е невиден скандал во меѓународните односи.
Во период кога јавноста е затрупана со постојаното повторување на празните флоскули за ЕУ – интеграциите, во Струга се дозволува самоволие и беззаконие токму од општината и градоначалникот, а институциите молчат и одбиваат да постапат при очигледните кршења на законите. За какви ЕУ интеграции зборуваме, кога еден од темелните критериуми за членство е владеењето на правото, што значи носење одлуки согласно законите низ законски предвидени постапки”, стои во информацијата на ВМРО-ДПМНЕ од Струга.
,,Да бевме нормална држава и држава која искрено и посветено работи на тоа да се интегрира во ЕУ, досега ќе имаше реакција и конкретни чекори од Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство, Министерството за надворешни работи и ред други институции и инспекторати, но за жал во моментов не сме.
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со својата институционална борба против ваквото беззаконие и самоволие, затоа што сме уверени дека хаосот не може да стои повисоко од правниот систем. Укажуваме дека одговорноста не е само кај оние кои работат спротивно на законите, туку и кај сите институциите и органите кои не го спречуваат истото и само молкум набљудуваат.
Кога – тогаш сите ќе мора да понесат одговорност”, пишуваат советниците на ВМРО-ДПМНЕ во советот на општина Струга.






