Талибанската верска полиција запали голем број музички инструменти во западната провинција Херат, објави авганистанската државна новинска агенција Бахтар.



Шеикот Азиз ал-Рахман ал-Мухаџир, провинциски шеф на Министерството за промоција на доблести и сузбивање на пороците, рече дека музиката доведе до „погрешно насочување на младите и уништување на општеството“.

Талибанците ја забранија нерелигиозната музика последен пат кога владееја со земјата во 1990-тите.

Објавените фотографии покажуваат дека службениците се собрале околу оган со музички инструменти, вклучувајќи гитари, хармоника и звучници.

Авганистан има силна музичка традиција, под влијание на иранската и индиската класична музика, пишува ДВ.

Талибанците пак воведоа остри мерки откако ја презедоа контролата врз Авганистан во август 2021 година по повлекувањето на силите на САД и НАТО.