Трагедијата на Македонците во дваесет и првиот век е дека македонството, што подразбира национална посебност и самобитност на македонскиот народ во однос на соседните народи, е загрозена идеологија повеќе од кога било порано токму во независна и самостојна Македонија, пишуца Академик Љупчо Коцарев .
Тој додава дека , опстојувањето на македонскиот просторен и временски јазичен континуум, што постоел, но продолжува да постои и денес, се негира од дел од владејачките елити секаде, во секоја пригода и во секој систем во нашето општество, па така и во образованието.
-Образовниот систем во една држава е иднината на општеството, но, за жал, нашето образование е ставено во синергија со тековната политичка сервилност и неукост, па, така, поради поврзаноста со историјата, животот и страдањата на Македонците во егејскиот и пиринскиот дел на Македонија, во училиштата, од наставната програма се изземени од обработка делата „Црно семе“ од Ташко Георгиевски и „Црнила“ од Коле Чашуле.
Денес Македонија се соочува со исклучивост: или македонството или ЕУ, но не и двете. Тие што се за македонството, поточно тие што упорно посочуваат дека македонскиот народ, македонскиот идентитет и македонскиот просторен и временски јазичен континуум постојат илјадници години, но продолжуваат да постојат и денес во Република Македонија, во егејскиот и во пиринскиот дел на Македонија, во сите соседни држави и насекаде каде што живеат Македонците, веднаш се прогласуваат за недемократи и за граѓани што не се европски ориентирани.
Меѓутоа, за разлика од оние што инсистираат на поделбата, јас сум вџашен и згрозен од тоа што, во демократска Европа, во 21 век, воопшто, јас сум принуден да избирам меѓу двете опции. Мој избор, без колебање, е македонството и ЕУ.
Во предговорот на книгата со наслов „Размислување и делување во мрачни времиња“ од Хана Арент („Пешчаник“, Белград, 2023), Ненад Димитријевиќ пишува: „Се разбира, ти не сакаш зло; свесно не повредуваш никого; никого не мразиш, ниту Евреинот затоа што е Евреин, ниту Бошњакот затоа што е Бошњак“, а јас би додал, ниту Македонецот затоа што е Македонец.
„Но, ти избираш да не го ‘видиш’ злото што некои луѓе им го прават на некои други немоќни луѓе… одбивајќи да размислуваш за злото што се случува, ти него го легитимираш“.
Заради почнување на преговорите со ЕУ, злосторство е да се бара од нас да се откажеме од македонството, од нашите македонски корени, од нас самите, да се откажеме од македонскиот просторен и временски јазичен континуум, што постои илјадници години и продолжува да постои и денес, во Македонија, во сите соседни држави и насекаде каде што живеат Македонците. Според Арент, „злосторствата остануваат кривични дела дури и кога државата“, или меѓународната заедница, „ги прогласува за легални“.
Книгата, што денес се промовира, сведочи за непокорот, за спротивставувањето на разнебитувањето на Македонија и на исчезнувањето на Македонците од „Македонците отаде Екваторот“.
На овие испишани страници им посакувам успешна мисија во јакнењето на тој непокор и одржувањето на нераскинливата врска со татковината меѓу Македонците на целата Земјина топка, а на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ во Сиднеј му посакувам уште многу години успешна и плодна активност, додава Коцарев.






