„Сандански… е носител на голема идеја… Тој секогаш се борел за слободата на Македонија, а никогаш не настојувал да работи за санстефанскиот договор и за присоединување на Македонија кон Бугарија. … ги исмева… самите славјаногласни Македонци, кои се стремат за присоединување на македонските земји кон Бугарија..“ – напишал грчкиот весник „Кери“ во статијата „Јане и Грците“ во бројот од 1 август 1908 година. Ова го објави денес весникот „Нова Македонија“ во својата статија со наслов „Јане Сандански никогаш не работел за присоединување на Македонија кон Бугарија“.
Од историските архиви: 115 години од Манифестот до сите народности во Османлиската империја
Покрај другото, во статијата објавена во „Нова Македонија“ пишува: На денешен ден во 1908 година Јане Сандански се огласил со „Манифестот до сите народности во империјата!“, кој бил бил лично потпишан и говорен од него. Во Манифестот, меѓу другото било, истакнато: „Не подавајте ѝ се на престапната агитација, која можеби ќе ја поведат официјалните власти во Бугарија против вашата заедничка борба со турскиот народ и неговата интелигенција, којашто се стреми кон слобода.“
По младотурскиот државен удар од јули 1908 година и во услови кога македонското револуционерно движење се поделило, поради отворената соработка на Христо Матов и неговите приврзаници со бугарската влада, припадниците на Серскиот револуционерен округ, предводени од Јане Сандански, направиле неочекуван маневар, кој изненадил многумина. Тие одлучиле да соработуваат со новите османлиски власти, но без да се откажат од крајната цел – независна Македонија. Бугарската историографија се обидува да ги релативизира ликот и делото на Сандански, како и неговите приврзаници.
Приврзаниците и истомислениците на Сандански јавно пропагирале зачувување и реформирање на Османлиската Империја, но потајно нивната цел останала иста – создавање македонска држава. Промената во тактиката била условена од опасноста, што доаѓала од соседните балкански држави и нивните стремежи за поделба, или освојување на Македонија.
Сандански набргу излегол и со познатиот Манифест до сите народности во империјата. Манифестот бил лично потпишан и прочитан од него. Во Манифестот, меѓу другото, било истакнато: „Не подавајте ѝ се на престапната агитација, која можеби ќе ја поведат официјалните власти во Бугарија против вашата заедничка борба со турскиот народ и неговата интелигенција којашто се стреми кон слобода.“
Во овој период Јане Сандански во Солун имал интервју со Бранислав Нушиќ за српскиот весник „Политика“. На прашањето за новонастаната политичка состојба Сандански одговорил: „Бугарија и Србија во досегашната работа се раководеа од своите најтесни интереси. Ним не им беше главна цел да го ослободат овој народ овде, туку нивните себични интереси, проширувањето на нивните држави. Ние овде ќе создаваме татковина.“
Во натамошниот дел од интервјуто Нушиќ запрашал: „Ова помилување, ако се однесува за вас и Тодор Паница, важи само за Турција. Вие во Бугарија не смеете?“ На ова прашање Сандански одговорил: „Во Бугарија не смеам! Меѓутоа и не ми треба. Овде е мојата Бугарија“.
За дејноста на Јане Сандански во овој период дознаваме и од српскиот дипломатски претставник во Софија – Светислав Симиќ. Тој во својот извештај од 22 јули 1908 год. пишува: „Сандански е апсолутно против секаква врска со Бугарија и на секој начин ги одбива нејзината помош и нејзината директива.“
Соработката со младотурците Сандански ја искористил за претставување и афирмирање на македонските национални особености. Тоа се потврдува и од тогашниот печат, како што е пишувањето на грчкиот весник „Кери“.
Во споменатата статија во весникот „Кери“, исто така, било напишано: „Сандански нема никакви односи со луѓето во Софија… Тој ја подава својата десница за соработка меѓу Елините и славјаногласните за македонската татковина… Сандански ќе ги помири Елините Македонци со славјаногласното македонско население. Тој може да помогне… да се уништат бугарските училишта и да се отворат други, во кои ќе се изучува славјаногласниот македонски јазик заедно со елинскиот. … се надеваме во неговите македонски погледи и неговото конечно одделување од бугарската борба.“





