Добил ли Османи конкретен предлог во Атина?

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи завчера во Атина добил предлог за промена на името на Република Македонија, тврдат албанските медиуми во земјава.



Повикувајќи се на дипломатски извори, ТВ 21 пренесува дека предлогот се разликува од имињата со кои се шпекулираше во последно време, како: Нова Македонија, Горна Македонија и други.

Османи по средбата со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас и неговиот заменик Јоргос Катругалос во интервју за грчката ТВ Антена не го криеше својот оптимизам дека прашањето за името наскоро ќе биде тргнато од дневниот ред.

Мислам дека му доаѓа крајот на овој спор. Нам ни одзеде 25 години можност за соработка, за размена и развој. Сега е време да го затвориме, без штети и земајќи ја предвид чувствителноста на двете страни за прашањето. Постои решение што е взаемно прифатливо, а без да се нападнат најчувствителните вредности што двете страни ги имаат во ова прашање, изјави Османи.

Телевизијата 21 важи за блиска на ДУИ и одлично информирана а во нејзиниот менаџмент има лица кои блиску соработувале со вицепремиерот Османи.