Македонецот што пред 6 години точно ги предвиде текот и последиците од бугарскиот договор

Пред потпишувањето на таканаречениот Договор за пријателство и добрососедство со Бугарија на први август 2017 година многумина предупредуваа на штетноста од тоа што го подготви тогашниот министер за надворешни работи Никола Димитров а го потпиша екс премиерот Зоран Заев.



Еден од тие што дадоа прецизна анализа за следните настани по договорот е Златко Јанковски, еден од подобрите познавачи на процесот на евроинтеграции во земјава.

Јанковски во 2017 точно предвиде дека билатералните протоколи и таканаречениот Француски договор што Македонија практично го потпиша со Бугарија и беше изгласан како заклучок во Собранието долго се криеше од јавноста а потоа наместо да донесе решенија отвори многу прашања и го влоши односите меѓу двете земји.

,,Многу работи мора да се земат при анализа на договорот. Во суштина, покрај другите нешта, треба да се гледа политиката и националните интереси и концепти. Тие ретко се исти. Договорот е компромис. Баланс. Таа рамнотежа е основа за развој и “отворање на перспективи”.

Тука го немаме тој момент.

Затоа Бугарите се едногласни а Грците реагираат на овој начин. Прифаќаме договор кој отвора прашања а не дава решенија. Прифаќаме договор за кој имаме сомнеж дека крие замки кои ако не се избегнат, штетат на националните интереси.

И така, според некои медиуми, Македонија го реши првиот проблем во насока на подобрување на добрососедските односи со своите соседи. Ако и следниот договор, меморандум сеедно, се објави пред самото потпишување, се разгледува на затворени седници и без можност за интервенција, ќе биде дополнително погубно за националните интереси”, напиша тогаш Јанковски.