Ковачевски доби предизвик, да открие кој во неговата влада соработува со луѓе на Путин

Премиерот Ковачевски кој обвини дека кампањата против уставните измени се води со помош на руски ботови доби директен предизвик, да открие кој во неговата влада соработува со луѓе на Путин.



Шефот на парламентарната комисија за надворешна политика Антонијо Милошоски ја коментира изјавата на Ковачевски за руски ботови и бара премиерот да каже кои се ,,путинистите” кои имаат директни релации со луѓе на СДСМ и ДУИ во владата.

Милошоски смета дека изјавата на премиерот е директен напад врз македонските граѓани од кои над 80 проценти се против уставните измени.

,,Со ваквата изјава за “руски ботови” премиерот Ковачевски многу ги потценува македонските граѓани, а најмногу македонскиот народ. Големото мнозинство македонци се против отварањето на Уставот заради понижувачките услови кои лекомислено ги прифати премиерот, со кои Македонија е доведена во потчинета положба, а процесот на евроинтеграции е доведен во состојба на крајна неизвесност”, смета Милошоски за кого Ковачевски нема ниту изборен легитимитет, ниту политички капацитет за да постигне национален консензус за решавање на проблемот кој го создаде.

,,Македонците во Македонија не се руски ботови, туку достоинствен народ кој со право реагира со фрустрации кон лошата политика која ја води Ковачевски и во дипломатијата, и во образованието, и во економското назадување.

Ако веќе Ковачевски сака да се занимава со руски ботови нека си ги праша службите:
– Кои функционери од СДСМ му овозможија на Онишченко да добие македонско државјанство и кои функционери од ДУИ го примија на највисоко ниво Абдул-Вајед Нијазов поранешен пратеник во руската Дума и основач на здружението “Муслиманите во поддршка на Претседателот Путин”, пишува Милошоски.