Постигнат договор со мештаните, ЕВН влегува во Слупчане

ЕВН и жителите на Слупчане постигнаа договор. Екипите на Електродистрибуција ќе започнат со реализација на проектот за реконструкција на мрежата во Слупчане, соопштија од ЕВН.



– Постигнат е договор со мештаните на Слупчане, а гаранции се дадени од локалната власт и од страна на сите политички партии. Наредната недела во организација на министерот за економија и градоначалникот на Липково ќе се одржи состанок во Oпштина Липково на кој ќе се договорат сите детали за организацијата и реализација на проектот и со работа на терен ќе се започне од 9 август, годинава – информираа од ЕВН.
ЕВН и жителите имаат некаков предлог-договор, изјави вечерва министерот за економија Крешник Бектеши за ТВ Сител во врска со случувањата во ова населено место каде жителите не им дозволуваат пристап на екипите на ЕВН.
– Не може ако одредено правно или физичко лице прави проблем, да страдаат сите. Мора да се направи мрежа согласно европските стандарди каде што во случај физичко или правно лице да направи злоупотреби, за него да се исклучи снабдувањето со електрична енергија, а не и за неговиот сосед или целиот град – рече Бектеши во централниот дневник на Сител.