ЕК загрижена за судството во Македонија, стартува оценска мисија

Европската комисија е многу загрижена за последните случувања во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата во Македонија, особено во однос на Судскиот совет и за таа цел во земјата испраќа оценска мисија за неговата работа, изјави за МИА портпаролката на ЕК, Ана Писонеро, во пресрет на денешниот почеток на дводневната посета на шефот на мисијата, Бранко Хрватин на Скопје.



„Советот треба да се залага за заштита на интегритетот и независноста на судиите и институциите и да биде заштитен од несоодветно влијание. Со оглед на најновите случувања поврзани со Судскиот совет, Комисијата ќе испрати мисија за оценување на работата на Судскиот совет и неговата правна рамка, со цел дополнително да се зајакне транспарентноста, независноста и кредибилитетот на Советот, вклучително и на неговите членови, вели Писонеро.