Србија од оваа година ќе добие нов државен празник – Денот на Кирил и Методиј, кој ќе се слави на 24 мај, пишува „Вечерње новости“.



Со тоа, Србија ќе се приклучи на кругот на други словенски земји кои ги слават словенските просветители и мисионери и им одаваат чест, пишува белградскиот весник.

Иницијативата за воспоставување на овој национален празник, Ден на Кирил и Методиј, на 24 мај, е на Министерството за култура, а предлогот ќе биде официјално испратен до Владата од страна на Министерството за труд и вработување, кое е задолжено за ваков предлог.

Свети Кирил и Методиј,  браќата родени во Солун во IX век станале мисионери на христијанстсвото помеѓу Словените во Моравија и Панонија. Преку нивната работа тие влијаеле врз културниот развој на сите Словени, поради што ја добиле титулата Апостоли на Словените. Тие се заслужни за изумување на глаголицата, првата азбука искористена да се препише Светото писмо  и да стане достапно до сите словенски народи.

Најпознат нивен следбеник е Наум Охридски кој исто така е прогласен за Светец.

Српското Министерството за култура, истакнува дека новиот државен празник не значи и нов неработен ден, туку дека суштината е да се чествува и да се оддаде почит кон просветителите Кирил и Методиј, поради важноста на нивната мисија за сите словенски народи.