Поранешниот претседател на Врховниот суд во Хрватска, Бранко Хрватин, ќе го предводи тимот од експерти кои ќе ја чешлаат работата на Судскиот совет, соопштија од Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Оченувачката мисија од Брисел доаѓа по низата скандали и превирања во ова тело. Експертите на чело со Хрватин утре и задутре ќе престојуваат во земјава а според најавите целата мисија треба да заврши во септември кога тимот составен од експерти од земјите членки на Унијата пак ќе допатуваат во Македонија.
-Тим експерти од земјите-членки на ЕУ ќе ја испита институционалната рамка на Судскиот совет и ќе предложи краткорочни и среднорочни мерки, вклучително законодавни и институционални мерки, со цел да се зајакне независноста, непристрасноста и кредибилитетот на ова важно тело за управување со судството велат од Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Оценувачката мисија на ЕУ неодамна ја најави евроамбасадорот Дејвид Гир по скандалите во Судскиот совет. Од Судскиот совет тогаш посочија дека членовите се подготвени на соработка со домашни и странски независни експерти но изразија и загриженост поради како што велат, изложеноста на жестока и неаргументирана медиумска и политичка кампања.
-Членовите се свесни за лошата перцепција што е креирана во јавноста во изминатите месеци, но одбива да прифати дека работи нелегитимно и се носат незаконски и неаргументирани одлуки, со кои наводно се штитат нечии лични или партиски интереси – истакнаа од Судски совет.
Превирањата во Советот започнаа во април со разрешувањето на претседателката Весна Дамева, изборот на новиот претседател и оставките на двајца од членовите.





