ДУИ има најголемо влијание врз Исламската верска заедница

Дури 56,6% испитаници сметаат дека „ИВЗ е подложна, или донекаде подложна на политички влијанија“, покажува истражувањето на „Религија.мк“, „Институтот за политички истражувања – Скопје –ИПИС“, поддржано од Фондацијата „Конрад Аденауер“ – КАС, како дел од проектот за анализа на перцепцијата на јавноста во мулти-религиски општества, како што е Македонија.



Како политичка партија за која верниците имаат мислење дека има најголемо влијание врз Исламската верска заедница (ИВЗ) се смета ДУИ, објавува опорталот „Религија“.

Дури 53,8% сметаат дека оваа политичка партија има најголемо влијание врз ИВЗ, додека влијанието на останатите политички партии е речиси занемарливо.

Интересно за анализа е мислењето на муслиманите околу прашањето „Дали ИВЗ треба да има, или не треба да има политичко влијание во јавниот живот“.

Тука постои поделеност во мислењата. Дека треба да има, или донекаде да има влијание се определиле 41,4% анкетирани, додека 40,2% сметаат дека ИВЗ не треба, или донекаде не треба да има политичко влијание во јавниот живот.

Истражувањето во кое беа опфатени само муслимани, покажува дека во ИВЗ доверба имаат 66,7% од анкетираните, од кои 22,8% се изјасниле дека имаат „целосна доверба“, додека 43,9% одговориле со „донекаде да“ имаат доверба.

Само 4,8% велат дека „воопшто немаат“ доверба во ИВЗ, како институција.