Денеска се навршуваат 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје.



Потресот почнал во 5 часот и 17 минути. Траел дваесет секунди, а потоа во текот на целиот ден следувале помали потреси.

Во разорниот земјотрес на 26 јули 1963 година животот го загубија 1.070 лица, а околу 3.000 беа повредени. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени околу 28.000.

Над 200.000 луѓе останаа без покрив над главата.

Првата помош за граѓаните на Скопје дошла од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики, а неколку дена по земјотресот започнала да пристигнува помош и спасувачки екипи од целиот свет.

Дури 87 нации од светот испратиле некаква помош во Скопје кои помогнале градот да се изгради повторно, поради што го носи и епитетот „град на солидарноста“.

Историјата на Скопје, според разни записи на летописи, е исполнета со пожари, поплави и воени опустошувања.

Регионот околу реката Вардар, е зона со висока сеизмичка активност. Во минатото, Скопје двапати бил целосно разрушен од земјотреси: во 518 година, кога бил уништен под тогашното име Скупи, и во 1555 година. Старите хроничари не го запишале точниот број на човечки жртви во првиот и вториот земјотрес.

.Во 518 г., Скупи бил наполно разурнат од земјотрес. Катастрофата што ја опустошила провинцијата Дарданија, со епицентар во Скупи, ја опишува хроничарот Марцелин Комес. Тој запишал дека во провинцијата Дарданија „од тешкиот земјотрес се срушиле 24 каштели (градски тврдини), од кои што два пропаднале во земја заедно со сите жители, во четири половина од своите жители ги изгубиле животите, во единаесет градски тврдини настрадало третина од населението, а девет тврдини биле упропастени, при што загинало четвртина од населението.“

Тој понатаму тврди дека во земјата се појавила пукнатина долга околу 45 км, а широка 12 стапки. Метрополата Скупи била срушена до темел.

Во 1555 г. се случил вториот катастрофален земјотрес, што скоро сосема го срушил Скопје.

Последното трето големо катастрофално разурнување на Скопје се случи пред 60 години, на 26 јули 1963 година, кога Скопје беше погодено од земјотрес со јачина од девет степени по Меркалиевата скала или шест според Рихтеровата со епицентар на плоштадот „Македонија“.