Лукаревска го потврди планот на СДСМ да ,,фрли во бунар” десетина милиони евра

Заменик претседателката на СДСМ Сања Лукаревска го потврди планот на власта непотребно да се потрошат десетина милиони евра народни пари за избори што ќе се случат идната година.



Во интервју за ТВ21 во однос на евентуални предвремени избори, Лукаревска вели дека парламентарните избори ќе се спроведат следната година по редовните претседателски избори и дека и во двата изборни процеси, СДСМ ќе биде партијата која што ќе победи.

Ако претседателските и парламентарните избори кои треба да се случат во рок од неколку месеци за прв пат не се спојат во единствен изборен циклус како секогаш до сега државата ќе потроши екстра десетина милиони евра но тоа не е проблем за Лукаревска и СДСМ.

Анкетите покажуваат дека како и да бидат организирани изборите кандидатот за претседател и листите на СДСМ и власта ќе претрпат катастрофални порази што укажува дека Лукаревска се надева со посебни избори за нејзината партија да остане уште неколку месеци на власт без разлика што тоа државата ќе ја чини десетина милиони евра.

Во другиот дел од интервјуто кое е пренесено во соопштение на СДСМ Лукаревска вели дека
Уставните измени треба да бидат усвоени од сите пратеници кои и мислат добро на оваа држава.

Лукаревска истакна дека ако некој смета дека не треба да гласа за уставните измени, тогаш тој не и мисли добро на државата и ризикуваме повторно да влеземе во изолација.

„Оваа шанса што ја имаме е една и единствена. Сметам дека поголемиот број пратеници во собранието ја гледаат европската перспектива како вистинската, најдобра перспектива за државата и за граѓаните. Ние многу пати и претходно и минатата година кога го почнавме овој процес со нашите сериозни намери, зборувавме дека работиме забрзано но не избрзано. Тоа е и така. Затоа не брзавме во сите овие чекори кои ги правевме изминатиот период. Сите средби, состаноци и пораки ги слушнавме навистина многу внимателно, меѓутоа и опозицијата би требало да ги слушне многу внимателно сите пораки кои што ги испраќа меѓународниот фактор. Ме загрижува онаа изјава која ја слушнавме викендов, дека доколку ние не ја искористиме оваа шанса ќе не разделат од Албанија, така што Албанија ќе оди напред а ние ќе тапкаме во место или пак можеби уште полошо да се вратиме назад. Затоа сметам дека од утре па натаму во собранието треба да дискутираме со аргументи, треба да ги соочиме аргументите ЗА и Против и власта и опозицијата и заеднички да и овозможиме на оваа држава прогрес и просперитет. Само со политика на компромиси може да го изодиме овој процес заеднички. Што доколку не успеат уставните измени? Мислам дека повторно се враќаме назад, тоа е најточниот одговор на ова прашање. Затоа собраниската „арена“ треба да биде можност за да се разменат аргументите“ посочи Лукаревска.

Заменик претседателката порача дека СДСМ постојано е на терен меѓу граѓаните, потврда за тоа се и над 900 средби од активноста „Рамо до рамо до победа“, десеттината организирани тематски трибини и најави нови партиски активности во периодот по завршување на летните одмори