Бугарската Фондација „Македонија“ ќе купува македонски фудбалски клуб, користејќи го логото на Вардар!

Употребувајќи ги името и логото на ФК Вардар, со знамето на Бугарија до него, бугарската Фондација „Македонија“ најави купување македонски фудбалски клуб од кој ќе правела прв бугарски клуб во земјата по 1944 година?!



„’Фондација Македонија’ ќе има свој фудбалски клуб во Северна Македонија, кој ќе биде првиот бугарски фудбалски клуб во земјата од 1944 година наваму. Секој од вас може да се вклучи со учество преку споделување (како за нашите медиуми) или со донирање. Буџетот на нашата фудбалска екипа треба да биде минимум 15.000 евра за новата сезона, ние од Фондацијата обезбедивме 5.000 од нив. Сè уште избираме и преговараме која екипа да ја земеме, ќе биде од Третата или од Четвртата лига (фудбалски ранг во РСМ)“, објави на Фејсбук претседателот на Фондација „Македонија“, Виктор Стојанов, кој има забрана за влез во Македонија поради своите антимакедонски активности.

Стојанов се осврна и на претстојниот натпревар во Скопје меѓу „албанската екипа“ Шкупи, како што вели, и Левски од Софија во второто квалификациско коло за Лигата на конференциите на УЕФА, сигурен дека најмалку 2.000 навивачи на бугарскиот тим ќе бидат присутни на Националната арена „Тодор Проески“.

„Фудбалскиот клуб Шкупи можеше да си обезбеди половина или над половина од буџетот за претстојната сезона само од навивачите на Левски, ако ни дадеа 10.000 билети. Ги пуштиле по цена од 20 евра и ќе имаа приход од 200.000 евра.

Од Шкупи пуштија 1.600 билети, а се очекуваат мнигу повеќе навивачи на Левски во Скопје“, коментира тој.