Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во наредниве три недели ќе биде ,,девојка за се” во обидот на власта да ги испорача на Бугарија лани ветените уставните измени.
Џафери кој е познат како Командант Форина откако минатата недела го прими владиниот предлог за пристапување кон измена на Уставот со насоки за изменување и дополнување на Уставот, сега, фигуративно ќе треба да се претвори во ,,Мистер уставни промени” и практично сам да го води важниот процес.
Што се случува по приемот на владиниот предлог за уставни измени од Џафери?
,,Во истиот момент, претседателот на Собранието, Талат Џафери, му го предаде предлогот за измена на Уставот на претседателот на Комисијата за уставни прашања, на Талат Џафери, се разбира. Потоа, Талат Џафери како претседател на споменатата комисија за уставни прашања ја закажа седницата на комисијата за 25 јули во 10 часот. Со седницата ќе раководи претседателот Талат Џафери, наредните десет дена. Потоа, претседателот на комисијата, Талат Џафери, ќе ја проследи одлуката на комисијата до претседателот на македонското собрание, Талат Џафери. Потоа, Талат Џафери ќе го стави на дневен ред предлогот за пристапување кон измена на Уставот, за седница на Собранието, на 18 август, за во 11 часот.
Тогаш, претседателот Талат Џафери ќе се мултиплицира едно осумдесетина пати, можеби малку помалку, колку што ќе биде потребно, при што ќе биде обезбедена поддршката за потребата да отпочне парламентарната дебата за измена и дополнување на Уставот. Добро, само последново е од областа на научната фантастика, но тоа погоре воопшто не е. „Уан – мен – папет – шоу“, што би рекле Европејциве… Или… не сум сигурен како се нарекува тоа на разговорен француско-бугарски јазик?! До таму ли стасавме?
Оваа чудна ситуација со еден командант ја анализира Далибор Станковиќ за Нова Македонија.






