Заев бара помош, Касами нема поддршка ни за себе

Во Владата вчера попладне се одржала средба меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на БЕСА, Билал Касами.



По средбата, од Владата за МИА изјавиле дека се разговарало за поддршка на реформскиот пакет закони во Собранието на Република Македонија.

Два моменти ја прават необична оваа навидум банална техничка вест. Првиот е дека Заев одржува средба со лидерот на БЕСА во ситуација кога тој всушност и не е повеќе претседател на ова движење или во најдобар случај неговото лидерство е оспорено и како таков прашање е дали има кредибилитет за влегување во какви било меѓупартиски договори.

Имено, завчера скопскиот огранок на Централниот одбор на Движењето на одвоен состанок го разреши Билал Касами од лидерската функција и го назначи Неџбедин Карамани да биде претставник на БЕСА и вршител на должноста претседател се до Конгресот закажан за 24 февруари.

Истовремено тетовското крило на ЦО одлучи дека Касами ќе ја предводи партијата до конгресот, но веднаш потоа и тоа се откажа од него како лидер, што повеќе од јасно говори за расколот во втората најсилна албанска политичка структура во земјава.

Вториот момент што збунува е најавата дека Заев треба(ше) да се сретне со В.Д. претседателот на БЕСА Нежмедин Каремани за токму со него да договорат поддршка за владата, а тоа е нелогичано кога Заев веќе одржал состанок со Касами за истото прашање.

Не се исклучува Заев уште денеска да започне преговори со групата околу Каремани со понуда за влез во владата.

Инаку извори на Експрес.мк во БЕСА кои инсистираат на анонимност велат дека во партискиот раскол се инволвирани повеќе фактори.

Тие тврдат дека најдиректно во кризата се вклучени Али Ахмети, луѓе на албанскиот премиер Еди Рама и структури блиски на косовскиот премиер Рамуш Харадинај.

Една од целите на расколот во БЕСА е да се намали влијанието на Турција на македонската политичка сцена, а другата е движењето да влезе во коалицијата на СДСМ и ДУИ со цел стабилизирање на владата која сега има само 61 пратеник во Собранието и тешко ќе го донесе Законот за јазици.