Обвинителството истражува дали Груби го крши законот со скриен имот – Ауди од 80 илјади евра

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје издал наредба да се обезбеди документацијата за начинот и времето на стекнување, сопственоста и користењето на возилото кое во саботата околу 3,30 часот утрината беше опожарено, а се тврдеше дека е во сопственост на првиот вицепремиер Артан Груби, соопштија од обвинителството, пренесува НетПрес.



Иако, според МВР, луксузниот автомобил „ауди А6“ се води на името на соседот на Груби, 35-годишниот Б.Л., тој во повеќе наврати беше сниман и фотографиран со тоа возило, а и самиот во изјава рече дека опожарувањето на возило е „притисок и закана врз него и неговата работа“, со што го отвори прашањето дали можеби тој има во сопственост возило купено на туѓо име.
Инаку, во својот анкетен лист за имотната состојба, Груби има пријавено дека поседува „ситроен ксара“ во вредност од 1.000 евра.

„Веднаш по опожарувањето на возилото даде наредби и насоки за расчистување на настанот и за прибирање на доказите. Меѓу преземените дејствија, издадена е наредба да се обезбеди и документацијата за начинот и времето на стекнување, сопственоста и користењето на возилото“, велат од обвинителството.

Натаму, додаваат дека надлежен орган кој треба да ја евидентира и следи имотната состојба на избраните и именуваните лица, како и да врши проверка на податоците во изјавите за имотната состојба е Државната комисија за спречување на корупцијата.

„Доколку проверките упатуваат на елементи на кривично дело кое се гони по службена должност, обвинителството ќе постапи согласно своите законски надлежности“, тврдат од обвинителството, јавува Нетпрес.