Корупцијата меѓу најважните теми за преговорите со ЕУ

За време на преговорите на Хрватска, корупцијата била помалку важна тема, но сега во преговорите со Македонија,е многу важна оценува гувернерот на Хрватската народна банка и поранешен заменик-главен преговарач на Хрватска со ЕУ, Борис Вујчиќ. Според него корупцијата е проблем секаде каде што постои.
Во интервју за МИА тој посочи дека корупцијата првенствено доведува до нерамномерна распределба на ресурси, бидејќи ресурсите на државата, на даночните обврзници, првенствено се трошат на неефикасен начин каде што постои корупцијата, што доведува од една страна до послаб раст на економијата, а од друга страна до нееднаквост во општеството, што и едно и друго е лошо за стандардот на населението, и токму поради тоа против неа треба да се бориме.



-Постои цела низа начини како да се бориме против корупцијата, еден од нив се некои препораки кои денеска ги гледаме овде на Конвенцијата, кои првенствено се однесуваат на транспарентноста, бидејќи транспарентноста ја чини корупцијата поскапа и потешка. Како што кажав, потешко е да се краде под светло, отколку во темница. А денешните технологии овозможуваат поголема транспарентност, за разлика од пред десет или дваесет години првенствено поради дигитализацијата, којашто ни овозможува државните сметки, пресметката на вредноста на државниот имот, да ја направиме потранспарентна и достапна на сите, за да можат да увидат и да
проценуваат – изјави Вујчиќ.