Илјадници луѓе се евакуираат од своите домови и хотели на островот Родос, јавува Би-Би-Си повикувајќи се на грчките противпожарни служби.
Приватни чамци и се придружија на грчката крајбрежна стража во собирањето луѓе од плажите на источниот дел на островот.
Бродови на грчката морнарица, исто така, се вели дека се упатуваат кон областа, популарна кај туристите.
Заменик-началникот на противпожарната служба на Грција рече дека пожарите во Родос се најлошите со кои се соочува неговата служба во моментов.
Пет хеликоптери и 173 пожарникари оперираат во областа, додека три хотели во областа Киотари наводно се оштетени од пожарот.
Грција викендов се соочува со интензивни горештини, а метеоролозите предупредуваат дека температурите може да се искачат до 45 степени.
Може да стане најтоплиот јулски викенд во Грција во последните 50 години, изјави еден од водечките метеоролози во земјата.
Пожарникарите продолжуваат да се борат со десетици шумски пожари ширум земјата. Областа западно од Атина е една од најпогодените области, заедно со Лаконија на југот на Пелопонез и островот Родос.







