Два дена порано од најавеното, односно на 17 јануари, во Њујорк ќе се одржи следната рунда од разговорите меѓу Македонија и Грција за разликите за името, потврдија извори и од македонското Министерство за надворешни работи, и од грчката државна новинска агенција АНА-МПА, која се повикува на дипломатски извори.
На новата средба по повеќе од еден месец со посредникот на Обединети нации, Метју Нимиц, македонската делегација ќе ја предводи Васко Наумовски, а грчката Адамантиос Василакис.
Последната се одржа на 12 декември во Брисел и на неа Нимиц изрази оптимизам дека во 2018 година конечно ќе се изнајде заемно прифатливо решение за името на македонската држава и најави интензивирање на процесот под покровителство на ОН.





