Собранието денеска не обезбеди кворум за донесување на Законот за јазиците, но за два днена има нова седница.
Само со 52 пратеници од вкупно 120 во македонскиот парламент започна денешната седница на која требаше да се гласа Законот за албанскиот јазик, односно, Законот за јазиците, како што официјално се нарекува.
Немаше расправа, но немаше ни пратеничко мнозинство за усвојување на законот, инаку еден од условите за останување на Партијата на Зијадин Села во Собранието.
ТВ Телма пренесе дека за донесување на овој закон освен „простото“ парламентарно мнозинство, е потребно и „бадентерово“, па усвојувањето на Законот е одложено за четврток.
„Мислам дека имаме парламентарно мнозинство и проблемот не е во тоа. Можеби се проблем празниците кои завршуваат и мислам дека утре ќе имаме кворум”, рече Ѓулимсере Касапи, пратеничка на СДСМ, пренесе Алсат-М.
Двајцата пратеници на Алијанса за Албанците, Зијадин Села и Сурија Рашиди, изјавија дека ќе го поддржат Законот за албанскиот јазик, но бараат одговорност од мнозинството за одолговлекувањето со донесување на Законот.
Села како услов го постави донесувањето на Законот за јазици во периодот од првите 100 дена од новата влада на Зоран Заев.





