Темов до Османи: Да тврдите дека македонски дијалекти има само во Македонија е како да кажете дека албански се зборува само во Албанија

Лингвистот Јовица Темов јавно му се обрати на министерот за надворешни работи Бујар Османи, според кој македонскиот јазик има дијалекти само на територијата на Република Македонија, а не и во Егејска, и во Пиринска, ниту во Албанија.



„Господине Османи, по професија сте доктор, по вокација – политичар, моментално министер во Владата на Република Македонија. Објаснете, каква врска имате со лингвистиката, конкретно со дијалектологијата!?

Дијалектологијата е наука, како што е наука и медицината, како што се и политичките науки. Кога Вие говорите за дијалектологија, тоа е исто како јас да дебатирам со Вас за анатомија или патологија, или хирургија.
Јасно е дека не можеме ниту јас, ниту Вие, да знаеме сè, ама оставете им го тоа што не го знаете на Вашите советници (ги имате десетици). Ако немате советник за лингвистика, еве јас се нудам, ги имам потребните квалификации.

Еве што не знаете: дијалектна и политичка карта не е исто. Во ниту една држава, државните и дијалектните граници не се исти. – Зошто? – Затоа што дијалектите постоеле многу пред тие земји да станат држави“, вели во реакцијата професорот од гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес, пред да му го посочи клучниот аргумент на Османи – дијалектната карта на македонскиот јазик, изработена во Одделението за дијалектологија при Институтот „Крсте Мисирков“.

„Обоените растери надвор од државните граници се области каде се говорат македонски дијалекти. Значи, ги има и во Егејска и во Пиринска Македонија и во Албанија и во Србија…

Да тврдите дека македонски дијалекти има само на територијата на Македонија е исто како да кажете дека албански јазик се зборува само во Албанија. Некој ќе рече дека не е исто… да, не е исто, бидејќи сите знаеме дека албански јазик се зборува и во делови на Грција, на Македонија, на Црна Гора, во Косово. И никој тоа не го спори.

Нејсе, ќе ги изоставам Србија, Грција, Бугарија, за пример ќе ги наведам само местата во Албанија (сигурно тие Ви се познати), каде покрај албанскиот, се говори и македонскиот јазик: Билишта, Борје, Владоешта, Владимирица, Врбник, Глобочани, Запод, Зрновско, Клење, Корча, Лин, Подградец, Пустец, Себишта, Стеблево, Требишта, Туминец, Шиштавец…

Демантирајте ме, Вие или некој од Вашите советници, дека тоа не точно, а ако е точно, зошто Ви беше потребна таа несреќна изјава!?“, го прашува Темов новопечениот јазичен „експерт“ на чело на МНР.