Нови задолжувања на домашен пазар со драматични камати

Македонија продолжува да се задолжува на домашен пазар и тоа по поскапи камати . Каматата по која домашните банки позајмуваат пари на министерството за финансии продолжува да расте
Имено, пред една недела, исто како и вчера, биле издадени 15 годишни државни обврзници на вкупна сума од над 19 милиони евра, а нивните каматни стапки надминаа 6 отсто и достигнаа дури 6,15 проценти, пишува Фактор.



Ова е убедливо највисока каматна стапка на државните хартии од вредност остварена во многу долг период наназад, што всушност ги следи каматите на Народна банка на Македонија, која во повеќе наврати ја зголемуваше основната камата, токму како последица на високата инфлација.

Овие обврзници, кои се државни обврзници без девизна клаузула, од денеска ќе почнат да котираат и на Македонската берза.

Притоа, се издаваат две сесии на државни обврзници без девизна клаузула. Првата била издадена на 13 јули годинава, на сума од 11,9 милиони евра, а има 15 години рок на достасување, односно ќе стигне за наплата на 13 јули 2038 година. Нејзината каматна стапка е 6,15 отсто.

Втората обврзница исто така е без девизна клаузула. Била емитувана во текот на вчерашниот ден, а од денеска ќе котира на Берзата. Таа е издадена на сума од 7,2 милиони евра, а ќе доспее на 20 јули 2038 година, што значи дека е 15 годишна, а нејзината каматна стапка е исто така 6,15 отсто.

Инаку, оваа камата од 6,15 отсто што државата им ја плати на домашните банки и фондови за да собере 19,1 милиони евра, е многу повисока од каматната стапка од 5 отсто, која ја добија граѓаните на 13 јули кога инвестираа во граѓанската обврзница, позајмувајќи и на државата вкупно 23,5 милиони евра, иако таа прво бараше 10 милиони, за првата транша од граѓанската обврзница. Сепак, треба да се има предвид дека граѓанската обврзница е многу пократкорточна хартија од вредност, односно таа ќе доспее и парите ќе им бидат вратени на граѓаните после само две години.

Тогаш од Министерството за финансии објавија дека овој инструмент за граѓаните е безризичен, сигурен и носи атрактивен принос, штитејќи ја вредноста на нивните пари во момент на висока инфлација.

Министерот за финансии Фатмир Бесими.тогаш изјави дека на аукцијата учествувале 1.283 граѓани. Минималниот износ кој граѓаните можеа да го уплатат беше 10.000 денари, а максимален износ не беше предвиден.

Како што објавија тогаш од финансии, приносот по основ на камата на граѓаните ќе им биде исплатен на 20 јули 2024 за првата година и 20 јули 2025 за втората година, кога ќе им биде вратен и целиот вложен износ. Каматната стапка за оваа емисија на граѓанска обврзница изнесува 5 отсто годишно и таа е фиксна за двегодишниот период на важност на обврзницата“ соопштија од Финансии.

На крајот на јуни, пак, беа издадени три државни обврзници, на вкупна сума од нешто над 20 милиони евра. Имаше издадени и со девизна и без девизна клаузула, а сите беа 15 годишни. Нивната камата се движеше меѓу 5,65 отсто и 5,9 отсто, што значи дека тоагаш не била пробиена границата од 6 проценти.

Извор : https://faktor.mk/drzavata-kje-im-dade-kamata-od-615-otsto-na-bankite-i-fondovite-a-im-plati-5-procenti-na-gragjanite—izdadeni-novi-drzavni-obvrznici-eve-koja-e-nivnata-cena