„Владата ги достави во Парламентот предлог-решенијата на уставните амандмани, со кои треба да се регулира внесувањето на бугарското малцинство во македонскиот устав. Многу недоследности, парадокси и противречности има во владиното образложение во врска со потребата тоа да се стори. Се работи за изнасилена, лошо промислена операција, наметната под притисок, спротивна на сите меѓународноправни практики и на поставките на ОН секоја држава самостојно да може да одлучува за сопствените правно-политички акти.“ – вели новинарот Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Парадоксот на унитарноста наспроти мултиетничноста“, која ја објави весникот „Нова Македонија“
Противречно владино образложение за потребата од уставни измени – унитарноста наспроти мултиетничноста
Покрај другото, Таневски пишува: Владата наведува дека главната цел, поради која се прават овие амандмански интервенции во Уставот е „да се зајакне мултиетничкиот карактер на Р* Македонија, односно на државата, што е катастрофална грешка! Државата Р*М воопшто нема карактер на мултиетничка, туку македонското општество е мултиетничко, што е суштинска разлика. Владата мора да знае да направи разлика на тие две категории, кои се суштински за одредувањето на карактерот на нашата држава!
Наместо да се зборува за зајакнување на мултиетничкиот карактер на државата, треба да се зборува за дополнување на Уставот со одредени малцински заедници, што досега биле формулирани под ставката „други“ и кои, без оглед на ваквата формулација, и досега ги уживаа сите малцински права во согласност со меѓународните конвенции за малцински права. Дури и многу повеќе од тоа.
Истовремено, тоа подразбира и обврски од сите малцински заедници во земјава како уживатели на највисоките права, кога веќе државата се грижи за нив, тие да го почитуваат унитарниот карактер на државата, нејзиниот суверенитет, државните симболи, како и да го уважуваат македонскиот народ како носител на суверенитетот и државноста и себеси како придонесувачи кон таа државност рамо до рамо со Македонците. Ист однос треба да имаат и кон македонскиот јазик како единствен официјален јазик во државата и главно средство за меѓусебна комуникација. Со ваквиот однос од страна на секоја малцинска заедница, вклучувајќи ја и бугарската, ќе се зајакнуваат мултиетничкиот карактер на општеството и унитарноста на државата.
Унитарноста треба да се зајакне!
Вистинска поента во образложението за уставни измени би било, ако уставните измени се прават исклучиво да се зајакне – унитарноста на државата! Во амандманските интервенции треба педантно, прецизно, меѓународноправно издржано, политички и јазично да се нагласи унитарниот карактер на државата, каде што македонскиот народ ќе биде носител на државноста!
Вака како што стојат работите, сите се народи и сакаат да ги уживаат сите права на државотворни народи, што е бесмислица. Тоа е формула за сложена држава, федерација или конфедерација, но и рецепт за распад на една унитарна држава. Токму во една ваква констелација, како што имаме сега за Македонија, се поттикнува раѓање на (болните) амбиции (на поединци и групи) за менување на карактерот на Македонија, за системска политичкоправна реконфигурација, за прекројување граници, за отцепување, за припојување итн. Затоа, решително треба да им се стави крај на недореченостите и нејаснотиите во Уставот!
Актуелниот воведен текст во преамбулата „Граѓаните на Р*М, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ…“ е правно неиздржан, бидејќи оперира со термини што се неприменливи во меѓународноправната практика и затоа во ниту еден устав во светот нема вакви уставноправни девијации, направени исклучиво под притисок на една малцинска заедница во земјава и издејствувани со терористички активности и воени дејства. Изменет устав под притисок и насила се смета како правно неважечки.
Следејќи ги меѓународноправните практики и искуствата со уставите на најразвиените демократски држави, логично преамбулата на македонскиот устав би требало да се врати во рамките на меѓународниот поредок и врз тие постулати би требало да започне на следниот начин: Република Македонија водена од стремежите на повеќевековната борба за сопствена држава, овековечени низ Илинденското востание и АСНОМ, се воспоставува како национална држава на македонскиот народ и на сите малцински заедници што живеат во неа, сочинети од Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци, Бугари, Хрвати, Црногорци, Евреи, Словенци, Египќани и други.
Ваквиот пристап значи враќање кон Повелбата на ОН, во која јасно се наведува дека токму националните држави, во кои има еден носечки народ, се гарант за светскиот мир и поредок. Сè друго води кон уште поголеми конфликтни ситуации, како во самите држави внатре така и пошироко, во регионален, но и светски контекст. Затоа ОН инсистираа на ваквиот заштитен механизам, за да не дојде до нови конфликти низ светот.





