Бугарија, Унгарија, Полска, Романија и Словачка вчера потпишаа декларација за продолжување на забраната за увоз на жито од Украина.



Полскиот министер за земјоделство Роберт Тељус изјави дека земјите кои граничат со Украина бараат од Европската комисија да ја продолжи забраната за увоз на украинско жито во Европската унија најмалку до крајот на годината, пренесува РИА.

Словачкиот министер за земјоделство Јозеф Биреш рече дека солидарноста со Украина е важна, но дека националните пазари мора да бидат заштитени.

Во мај, Европската унија им дозволи на овие пет земји да забранат увоз на жито од Украина, а дозволен е премин на товар со украинско жито за извоз во други земји.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки изјави дека земјата нема да ја отвори границата за украинското жито и дека ќе ја продолжи забраната за увоз, дури и без одобрение од Европската комисија.

„Или Европската комисија ќе се согласи да развие заедничко решение што ќе ја продолжи оваа забрана, или ние ќе го направиме тоа сами“, рече Моравјецки на прес-конференција по состанокот на претставниците на министерствата за земјоделство на Бугарија, Унгарија, Полска, Романија и Словачка.