Стопанска комора : Или повлекување на законот за данок на солидарност или ќе одат на Уставен

Стопанската комора ќе го даде на Уставен суд Законот за солидарен данок , доколку помине во Собрание.
Бизнисмените им ги напишаа на државниците причините зошто треба да се стопира носењето на солидарниот данок.



Бранко Азески Претседател на Стопанската комора на Северна Македонија, потоа заменик претседателите на Стопанската комора, како и членови на „КЛУБ 100“, напишаа еден опширен допис до неколку битни адреси, а клучната поента е зошто треба да се стопира носењето на солидарниот данок.
За Стопанска комора, носењето на Законот не претставува никакво усогласување со директивите и регулативата на ЕУ, напротив тоа е само злоупотреба на тие регулативи. -Можни се две причини зошто Владата, во најблага смисла на зборот не ја кажува вистината и ја злоупотребува регулативата на ЕУ. Првата е дека воопшто не ја разбираат Регулативата 2022/1854, и тогаш тешко нам ако ваква администрација треба да не усогласува со Европското законодавство во целиот процес на преговори со ЕУ до постигнување на полноправно членство.

Втората, која е уште полоша е, дека администрацијата можеби правилно ја чита Регулативата 2022/1854, но свесно изнесуваат неточни податоци и сега ќе се обидат, користејќи ја скратената постапка, да ги убедат пратениците да го донесат предложениот закон за данокот на солидарност, стои во дописот кој е доставен до премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на Собранието, Талат Џафери и до министерот за финансии Фатмир Бесими.

-Се надеваме дека и на Владата и на Собранието им е јасно дека ваквата буџетска политика и потрошувачка е неодржлива на подолг рок, дека е се поголем товар за стопанството и населението и дека итно треба да се превземат мерки за нејзина рационализација и намалување.
Доколку Владата и Собранието на и покрај сите укажувања и аргументи, не се откажат и не го повлечат од натамошна постапка Предлог Законот за солидарен данок, Стопанската комора на најитно ќе поднесе иницијатива пред Уставниот суд за преиспитување на уставноста на Законот.
Исто така, доколку пратениците сепак го изгласаат донесувањето на Законот, согласно член 75, став 2 од Уставот, Стопанската комора ќе побара од Претседателот на Република да не го потпише Указот за прогласување на Законот за данок на солидарност, затоа што тој е очигледно во спротивност со член 52 од Уставот, стои во дописот.