
ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи уставни измени, а владејачкото мнозинство нема две третини за да го испорача она што го ветило, изјави пратеникот Антонио Милошоски денеска по средбата во Собранието со министрите од Вајмарската тројка, кои се во посета на земјава.
Тројцата министри од Вајмарската тројка – Лоранс Бун, државна секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Република Франција, Ана Лирман, министерка за Европа и клима на Сојузна Република Германија и министерот за Европска Унија на Република Полска, Шимон Шинковски вел Сенк денеска имаа средба со претседателот на Собранието Талат Џафери и со координарите на пратеничките групи.
– Владејачкото мнозинство, според она што беше кажано на средбата со министрите, е сосема свесно дека нема две третини за да го испорача тоа што само без национален консензус, лековерно го прифатило како обврска за наметнати уставни измени по барање од Бугарија. И второ, тоа што беше кажано од име на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата За обнова на Македонија, беше „да“ за ЕУ, но не за уцени од Бугарија, коишто не нудат никаква извесност дека процесот на евроинтеграции нема повторно и повторно да биде блокиран заради ирационални прашања коишто Бугарија очигледно сѐ уште ги има кон Македонија – рече Милошоски во изјава по средбата.
Според него, неколку од министрите истакнале дека може да послужат како пример на земји што во минатото имале големи историски, политички и други недоразбирања и конфликти, а сега се сојузници и соработуваат во рамки на ЕУ иако имаат одредени несогласувања.
– Токму овие земји се добар пример како Германија, како земја-членка на ЕУ, беше еден од најголемите, не само соседи, туку и лобисти за Полска да стане членка на ЕУ. Германија не бараше изговори да ја блокира Полска по втор, трет или петти пат, туку бараше причини како Полска поскоро да стане член на ЕУ – додаде пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
На прашањето како да се надмине оваа ситуација и да се гласа за уставни измени, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека се потребни предвремени избори.
Кога се преземаат обврски коишто бараат широк консензус, особено за уставни амандмани, како што кажа Милошоски, тогаш тие коишто преземаат такви обврски треба да бидат свесни дека широките консултации и инклузивност се неопходност на самиот почеток на процесот, а не на крајот на процесот кога ќе видат дека немаат две третини.
– Македонија во минатото имала многу посети од странски делегации. Ниеден министер од земја членка на ЕУ во Македонија не дал лоша изјава, сите биле добри, охрабрувачки и полни со поддршка. 2018 година ние имавме одлични изјави на германската канцеларка Меркел, на австрискиот канцелар Курц, дека ако се смени уставното име, вратите на ЕУ ќе бидат отворени. Мнозинството тоа го направи, вратите останаа затворени. Од Франција имавме вето поради методологијата, од Бугарија имавме вето поради прашање коешто никогаш не го поставиле во изминативе 30 години. И затоа сметам дека власта со ваквото внесување само дополнително ја поларизира ситуацијата и затоа би било најдобро да има парламентарни избори, политичките партии да понудат решенија за овој веќе создаден проблем, и потоа да се разговара за еден поширок консензус како државата треба да се движи напред, но со извесна перспектива дека ќе стигне до целта, а не за година или две повторно да биде блокирана поради учебник по историја – рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Милошоски е дециден дека треба да има политичка волја како што имало за Словенија и Хрватска, за компромисот со Бугарија да биде апликативен во моментот кога Македонија ќе стане земја членка на ЕУ.
– Овој со Бугарија е, според мене, е ирационален и апстрактен проблем. Тогаш, со поддршка на Германија и на Франција, Словенија и Хрватска се согласија компромисот да почне да биде апликативен во моментот кога Хрватска ќе стане земја членка на ЕУ, и на тој начин Словенија ќе биде мотивирана да ја поддржува во членството наместо да ја блокира, а Хрватска ќе биде мотивирана да го оствари својот дел од компромисот за да стигне до целта на ЕУ – потсети Милошоски.





