Сѐ почесто итната медицинска помош „не е доволно брза“, зошто?!

Зошто сѐ почесто „брзата помош не е доволно брза“? Скопјани обично велат не дај боже некому да му затреба итна (медицинска) помош, но, кога ќе затреба, сите очекуваме таа да пристигне брзо, сѐ со цел на човекот што има потреба од помош на најбрз можен начин да му биде испорачана потребната нега. Меѓутоа, одредени отежнувачки околности за да може „итната помош да биде брза, навремена и ефикасна“ самите ги предизвикуваме, опструирајќи го текот на настаните, а за итни случаи навистина треба да има непречен тек на одвивање.



Откако жешкото време си го направи своето, вжештени повиците на итната медицинска помош, откако Македонија буквално гори. Температурата одамна надмина 40 степени, па затоа лекарите со полни раце работа едвај одговараат на повиците зашто не престанува да звони дежурниот телефон. Само денеска до пладне имало два колапса на повозрасни луѓе кои не се придржувале до препораките. Брзата помош морала веднаш да интервенира.

Овој пат нема да се навратиме на возачите што немаат ниту минимум сообраќајна култура и во градскиот сообраќај не ни помислуваат да го поместат своето возило кога ќе чујат звучни сирени или светлосни сигнали од возило на итна помош и да му отворат пат на специјалното возило што ита кон својата дестинација – некому брзо да му помогне и да го однесе до најблиската медицинска установа.

Овој пат ќе се осврнеме на нашиот однос за тоа каде го паркираме своето возило, од аспект на блокирање патеки и пристапни места до влезовите на зградите во густо населените населби, од каде што најблиску треба да се пријде од страна на специјалните екипи за помош и да се интервенира со возилата на итната помош. Исклучително чести станаа случаите кога специјалните возила за помош на граѓаните и воопшто не може да пријдат до посакуваната локација, најблиску до оние што бараат „брза помош“.