САД: Уште едно, 28-мо по ред масовно убиство годинава

Најмалку четири лица се убиени во масовно пукање во малиот град Хемптон во западна Џорџија.



Полицијата го идентификуваше Андре Лонгмор од Хемптон како осомничен за гореспоменатите убиства. Полицијата соопшти дека тој убил четири лица, тројца мажи и една жена.

Идентитетот на жртвите сè уште не е соопштен бидејќи прво треба да се известат нивните најблиски.

Официјалните лица истражуваат дали Лонгмор е поврзан со некоја од жртвите. Мотивот за пукањето е нејасен.

Се нуди награда од 10.000 долари за секоја информација што ќе доведе до апсење на Лонгмор, пренесуваат медиуми.

Шерифот на округот Хенри Реџиналд Б. Скандрет ги повика жителите да не се приближуваат до Лонгмор бидејќи се верува дека тој е вооружен.

„Каде и да сте, ќе ве ловиме во која било дупка во која престојувате и ќе ве одведеме во притвор, точка“, рече тој.

САД забележаа рекордни 28 масовни убиства во првата половина на 2023 година, објави Асошиетед прес.

Во анализата на АП се наведува дека во тој период биле убиени 140 жртви.

Сите масовни убиства освен едно, со над четири или повеќе лица убиени не вклучувајќи го сторителот, биле извршени со огнено оружје.

Билансот во 2023 година го надмина претходниот рекорд од 27 масовни убиства од втората половина на 2022 година.