Се може да нема, но за одмор пари мора да се најдат – во Грција е скапо, ама во Хрватска и Египет аранжмани поскапи и до 40%

Туристичките агенции со полни раце работа. И покрај тоа што цените на летните аранжмани на сегаде пораснаа, Грција и натаму останува најдостапна дестинација за одмор. Од туристичките агенции велат дека во овој период има навала од резервации, а освен за јужниот сосед, имало интерес и за Албанија, Црна Гора, Хрватска, Турција Египет и Кипар. Како што објави ТВ „Алфа“, од агенциите информираат дека македонските граѓани летово најевтино можат да летуваат во Грција, каде седумдневен аранжман ќе ги чини близу 200 евра по особа, додека пак еден од поскапите аранжмани е над 700 евра во хотел со пет ѕвезди во Египет.



Туристичките работници додаат дека цените на аранжманите летово се повисоки за разлика од лани, но тоа не значи дека интересот е намален. Граѓаните со душа чекаат да заминат на одмор, и малку да се ослободат од секојдневните обврски и проблеми. Што се однесува пак на авионските билети, тие се многу поскапени, а тоа ја крева цената на аранжманите.

Во Грција хотелите се поскапени за 20% до 30%, но ако сакате приватното сместување, тоа е нешто поевтино, иако и таму е поскапо за 10%. Што се однесува пак до подалечните дестинации како Тунис и Египет, кои се едни од омилените за Македонците, цените се малку „посолени“. Па така шестдневен престој за двајца во јуни чини 1.000 евра со авион, додека пак за Египет ќе платат исто, но само за чартер и сместување, се друго дополнително го крева семејниот буџет.