Министерката Шукова тврди дека нема индиции за загадување на водата за пиење од системот Рашче, снимките со фекалиите не ги видела

Засега нема индиции за какво било загадување на водата за пиење која скопјани ја користат од системот Рашче, тврди министерката за животна средина Каја Шукова. Ваквата изјава следува откако жителите од Рашле предупредуваат дека на системит му се заканува еколошка катастрофа, а надлежните не преземаат ништо. Министерката ги отфрла овие обвинувања.



  • Во моментов нема такви индиции дека се загрозува системот. Вршиме редовни контроли. Постојано сме во соработка со Државниот инспекторат за животна средина. Секоја индиција за какво било загадување веднаш излегува инспектор за животна средина на увид. Ако има какви било состојби веднаш се санираат. Вршиме редовна контрола. Инспекторат врши редовно контрола. Ние реагираме на сите дојави и на граѓаните и на општините во зависност од тоа за каков проблем станува збор – увери министерката.

По наводните видео снимки каде се истураат фекалии кај системот Рашче, Шукова рече дека не ги видела видеата, но дека за секоја индиција инспекторатот веднаш излегува на терен.

  • Да ви кажам искрено јас тие снимки не сум ги видела, слушам од вас. Меѓутоа, за секој ваков проблем редовно не информира Државниот инспекторат. Јас со директорот не сум имала комуникација на оваа тема. Ако има нешто такво јас мислам дека Инспекторатот ќе изврши увид и ако имаме дополнителни информации ќе ја информираме јавноста – изјави Шукова.

Дека половина милион жители на Скопје може да останат без чиста вода за пиење, говорат и снимките на кои јасно се гледа како се излева фекална канализација, на само неколку километри од изворите Рашче од кои се снабдува главниот град.

Инаку, на изворите Рашче им се заканува и друга опасност, од другата страна на планината. Минатата година кал и отпад беа исфрлани непосредно до заштитната зона на изворите, во близина на Јегуновце. Алфа со недели предупредуваше на опасноста, но надлежните не преземаа ништо.