„Ние ќе победиме! Ние ќе победиме!“ – ова биле последните, претсмртни зборови на големата македонска хероина Вера Циривири-Трена, кои ги извикала со силен глас кон бугарските полицајци ноќта на 14-ти спроти 15-ти јули 1944 година, бегајќи од нив меѓу куќите во Штип. Во моментот кога го прескокнувала ѕидот на оградата од некоја куќа, паднала погодена од куршум на полициските агенти. За да не им падне жива во рацете, Трена се самоубива со својот пиштол.
На 17 јули 2022 година Мимоза Рајл, како внука на нејзината тетка (на мајка ѝ сестра) Вера Циривири – Трена, на својот фејсбук-профил изнесува сведоштво за невиденото варварство на бугарските полицајци врз веќе мртвата Трена: „Посмртно е силувана и измачувана. Мојата друга тетка Нада Циривири е стрелана, а претходно сликана од бугарскиот окупатор.“.
Во статија со наслов „Вера Циривири – Трена“ на интернет-страницата „Стар Прилеп“ пишува: Мртвото тело на Вера Циривири-Трена бугарските полицајци го избоделе со бајонети и го фрлиле во Брегалница, надевајќи се дека од неа нема да остане трага. Но некој овчар го забележал трупот на Вера, го извадил од водата и го погребал покрај брегот.
Своите само 24 проживеани години, својата младост и Трена, како многу други македонски херои и патриоти, ги даде во борбата против бугарските фашистички окупатори и ги вгради во темелите на македонската држава, на денешна Република Македонија.
Вера Циривири – Трена е родена во 1920 година во Прилеп како второ од шесте деца на тогашните големи бунтовници и патриоти Васка и Коста Циривири. Кај неа, како и кај останатите пет деца во семејството, патриотизмот бил домашно воспитување. Коста, таткото на Вера, во 1920 година бил затворен и осуден на пет години затвор во Пожаревачкиот затвор, поради тоа што бил во социјалистичкото друштво во Прилеп.
Во 1939 година Вера заедно со нејзината мајка и братот Илија заминуваат во Белград, каде што татко и Коста работел како кројач. Во тоа време кројачкиот дуќан на Коста Циривири на улицата „Босанска“ во Белград бил познато свртувалиште на револуционери, уметници и поети од Македонија. Меѓу нив најредовни посетители биле Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Борка Талески, Кузман Јосифоски-Питу, Кочо Рацин и други. Тие имале големо влијание врз политичките убедувања на Вера Циривири. Посебно направена маса за пеглање во дуќанот на Коста Циривири била скривница за студентите, кои бегале од полицијата.
Во 1940 година Вера станала член на Комунистичката партија. Истата година на Илинден таа била еден од организаторите на прочуената манифестација, која по повод националниот празник ја организирала напредната младина во градот. На 27 март 1941 година Вера учествувала и на белградските демонстрации против војниот пуч.
За време на окупацијата Вера Циривири била меѓу првите, кои се приклучуваат во народноослободителната борба. Била сметана како многу добар инструктор со одлични организаторски способности и затоа тоа партијата постојано ѝ доверувала задачи да отвора месни комитети и да испраќа борци на фронтот. Поради ова бугарските окупаторски власти нуделе награда од 20 илјади лева за нејзино фаќање. Во 1942 година полицијата многу се доближила до работата на Вера и на целото нивно семејство. Таа и сестра ѝ Нада избегале од дома, за да не бидат фатени во честите рации, што ги правела полицијата.
Нада отишла во партизани и загинала во првата битка на нејзиниот одред. Вера Циривири под друго име заминала прво во Битола. Оттаму заедно со Вера Ацева избегале во Велес, а потоа во Кавадарци. Во Кавадарци се претставувала како Трена, како што е нејзиното партизанско име, а во другите места била Светлана, Ленче итн. Со себе носела празни документи, и како ѝ требало така ги пополнувала. Со помош на таквите документи успевала да ги мине и најтесните полициски обрачи, да прејде од еден во друг град, за да извршува партиски задачи.
По партиска задача Трена заминала за Штип, каде што регрутирала 80 борци и неколку делегати за Првото заседание на АСНОМ. Но набргу месниот комитет бил пробиен, а полицијата имала детален опис на Вера. Така ноќта на 14 јули 1944 година, Бугарската полиција ја блокирала куќата, во која се наоѓала Вера. Насетувајќи ја опасноста, таа почнала да бега боса кон соседните куќи. Никој не ѝ одговорил на молбите да се сокрие.
Во моментот кога го прескокнувала ѕидот на оградата од некоја куќа, паднала погодена во грб од куршум на полициските агенти, што ја гонеле. Тогаш со силен глас извикала: “Ние ќе победиме! Ние ќе победиме!“ Потоа се самоубила со својот пиштол, за да не падне жива во рацете на непријателот.
Мртвото тело на Вера Циривири-Трена бугарските полицајци го избоделе со бајонети и го фрлиле во Брегалница, надевајќи се дека нема да остане трага од неа. Но некој овчар го забележал трупот на Вера, го извадил од водата и го погребал покрај брегот. Откако завршила војната, овчарот кажал каде лежи телото на Вера Циривири. Властите го откопале нејзиното тело и го погребале со високи државни почести. Иако многу направила за Македонија, Вера Циривири-Трена и денес не е прогласена како народен херој.
Мимоза Рајл, внуката на Вера Циривири има напишано на својот фејсбук-профил: За мојата тетка (на мајка ми сестра) Вера Циривири – Трена убиена кукавички и од грб, силувана постмртно, измачувана, за мојата друга тетка Нада Циривири стрелана а претходно сликана од бугарскиот окупатор, ниту јас, ниту еден Македонец ќе ви прости! Ќе паднете во бездната на неправдата и невистината, затоа што фактите се едно, а вашите силувања кон Македонецот се сосема нешто друго! Затоа ќе изгубите, а вистината и историјата не се бришат со потписи на предавници, туку остануваат запишани во колективната меморијата за навек! Наша задача е да ве потсетуваме ПОСТОЈАНО на нив!
Во октомври 2019 година во период од неколку дена во два вандалски чина насилно било искршено и уништено спомен-обележјето на Вера Циривири – Трена, во училиштето во скопската населба Карпош 2, кое го носи нејзиното име.
Подготвил: С.Т.





