Презирот кон смртта на македонските херои на Ножот на 14.7.1907 како завештание да се штити и денес Македонија од сите угрози на слободата

„Никој не смее да ги допре и да ги нагрди хероите! Гледате ли како комитите ја презираат смртта? Се борат и умираат како херои!“ – со овие зборови мајорот Енвер-беј, кој командувал со многубројната турска војска, во легендарната битка со македонските комити на 14 јули 1907 година на планинскиот врв Ножот кај прилепското село Ракле, им оддал почит на оние, што ја прегрнаа свесно смртта, заради животот и слободата на Македонија и на македонскиот народ.



Тој трагичен јулски ден во 1907 штамата завладеја на Ножот, откако последните преживеани македонски комити се самоубија со последните куршуми и со активираните бомби, кои им преостанаа, за да не паднат во рацете на турскиот аскер. Тивко е и сега на Ножот, по 116 години од оваа епска битка на македонскиот народ, но и една од многуте во неговата национална историја на непокорот, буните и востанијата против поробителите. Но и денешната тишина на Ножот громогласно ја раскажува приказната, што се предава од поколение на поколение, за оние што тој ден не го гледаа со своите очи сонцето на небото, над нивните глави, туку беа загледани во хоризонтите на времето, во мугрите на слободата на својот народ, кои не дочекаа да ги видат и да ги доживеат.

Со златни букви во македонската историја и во колективното помнење на благодарниот македонски народ треба засекогаш да останат запишани зборовите на италијанскиот капетан Џузепе Луци од 1907: „Тие не загинаа, тие сите се самоубија! Гордејте се со вашите синови! Тие победија!“

Во својата научна статија со наслов „Беседа за делото на Вапцаров“ напишана на 17.10.1989 година академикот и историчар Блаже Ристовски, покрај другото, запишал: „Куршумот и гробот како да се амблемот на девствениците на Македонија.Гробовите се само светли знамења на македонската историја.“

Куршумот, бомбите и гробовите остануваат засекогаш амблем и на девствениците на Македонија, кои изгинаа на тој планински врв. Во времињата идни ќе зрачат и нивните гробови како светли знамења на македонската историја, но од нив блика особено денес, сега, завештание за ова македонско поколение дека татковината  и нацијата мора и сега беспоштедно да се штитат од сите угрози на слободата и животот.  

Ножот треба да биде претворен во вистинско  и достоинствено македонско патриотско светилиште, каде што ќе може секој да појде и да им се поклони на овие македонски синови. Но, македонската држава со својот инертен однос се уште не им изградила вистински споменик, со кој тие ќе бидат засекогаш чествувани и кој ќе ја симболизира македонската борба за слобода и самостојна македонска држава.

Бугарската, српската и грчката оружена пропаганда во Македонија станаа свесни дека нема да ги претопат Македонците преку „духовното превоспитување“  

Битката на Ножот е од најнерамноправните и најкрвавите битки во историјата на Македонија по Илинденското востание. На битката и претходеле многу активности, пропаганди, но и убиства на војводи. Положбата на народот во Македонија по Илинденското востание се влошила. Турската тиранија станала уште пожестока, а околните монархии, како што запишал Александар Иваноски-Глоговичанец во книгата „Епопејата на Ножот“, ја засилиле својата пропаганда. По Илинденското востание бугарската, српската и грчката вооружена пропаганда во Македонија се засилиле. На Рилскиот конгрес кој се одржал во септември 1905 година е донесено решение да им се даде решителен отпор. Пропагандистите станувале свесни дека Македонците нема да се претопат низ духовно превоспитување преку црквата и образовниот систем.

Во централниот дел од Македонија особено се судираат интересите на Бугарија и на Србија, особено на тромеѓата меѓу Прилеп, Велес и Тиквеш. Целта на пропагандистите била да се уништи раководството на револуционерната организација по секоја цена, да се доведе до дезорганизираност и борбено слабеење на четите. Тоа било најизразено на теренот на Прилепско, Велешко, Поречието. Бугарија настојувала со сите сили да го подмити раководниот кадар на ВМРО, да го стави во своја улога и да поставува врховисти во македонските чети за да се уништува отпорот. Таков бил случајот во Велешко во 1905 година кога бил убиен велешкиот војвода Стефан Димитров.

Подоцна по една година во 1906 година е убиен Ѓорѓи Сугарев. Истата година се убиени и Панче Константинов, велешки околиски војвода, и Гога Ацев, прилепски околиски војвода. Македонските револуционери не можеле да ги трпат злосторствата и во почетокот на јули 1907 година започнале да се собираат на тромеѓата на Прилепско, Велешко, Тиквеш.

Жестокоста на турската тиранија и отпорот кон неа – предвесникот на битката на Ножот

На теренот од Никодинска Планина, односно кај Попадиските Чукари и Јасенова Глава, во почетокот на јули, околу селата Никодин и Попадија, околу врвот Ножот, биле собрани околу 150 вооружени комити од ВМРО со војводите Петре Ацев, Најденов, Цветков и др., а се очекувала да пристигне и четата на војводата Јане Наумов-Алабакот. Пеколниот план за уништување на четите од ВМРО му бил доверен на мајорот Енвер-бег, кој подоцна станал еден од највидните раководители на Младотурската револуција. Енвер-бег започнал да собира војска од Прилеп, Битола, Воден, Лерин, Велес, Тиквеш…

На 13 јули војводите се распределиле во групи. Првата била со војводите Тане Николов, Петре Ацев, Ѓорѓи Мариовски, Михаил Чаков, Мирче Најденов и Ѓорѓи Спиркоски. Вкупно имале на располагање 150 комити и скоро 150 лица селска милиција од околните села. Го запоседнале ’ртот кај Попадиските Чукари. Од оваа група се одделуваат две групи од по осум комити и со војводите Секула Ораовдолски и Велко заминуваат да го обезбедуваат врвот Јасенова Глава. Втората група од цела костурска чета со војводата Христо Цветков околу 30 комити, десетина души со војводата Мирче Најденов и десетина од велешката околиска чета на војводата Михаил Чаков го запоседнува врвот Ножот меѓу селата Ракле и Никодин. Втората група била од 54 комити…

Од сите страни триилјадната турска војска започнала да се движи кон разграноците на Никодинска Планина, Попадиските Чукари и кон врвот Ножот. Револуционерниот комитет од Прилеп за собирањето на силната војска разбрал на 13 јули, ден пред битката и ги известил четите да преземат мерки. На војводите им се препорачало да го напуштат теренот и да заминат за Мариово. Но, војводите не го послушале советот на Прилепскиот околиски комитет да го избегнат судирот со турската војска. Дел од војводите, согледувајќи ја состојбата, во која се нашле, решиле да останат и да се борат, преценувајќи ги сопствените сили. Во меѓувреме опсадата веќе била започната.

Тогаш 19-годишниот Атанас Попов од костурското село Шестеово, кој командувал привремено со Костурската чета, и Трендафил Думбалаков од селото Суха, Солунско, преку курирот му порачале на Војводскиот совет: „Ќе им кажете на војводите дека костурчани го сметаат решението на Војводскиот совет како необврзувачко за нив. Таа заповед ја наоѓаме како неумесна и нереволуционерна. Опфатени сме од оган, гориме и сме дошле да изгориме. Кажете им на војводите дека нашето решение е неповратно. Друга позиција нема да бараме. Ќе останеме на Ножот.“

Еден од костурчаните додал: „Не сум дошол да јадам кокошки, туку да се борам!“ Таквата одлука на голобрадите момчиња од Костурската чета ја прифатиле и четниците од Велешката и Прилепската чета. Така почнала рано изутрината највеличествената и едновремено најтрагичната битка по Илинденското востание.

Јунаците од Ножот биле однапред решени на саможртва

Започнуваат борбените активности. Се води битка на Ножот. Комитите што се наоѓаат на Ножот отвораат оган по турскиот аскер. Осумнаесет комити се искачуваат и ги заземаат североисточните падини на самиот врв. Нивната позиција не им дозволува да гледаат што се случува на другите падини. Јунаците од Ножот биле однапред решени на саможртвување. Турските сили почнале да заземаат позиции околу самиот врв и да го обиколуваат. Турската чета ги нападнала другите 18 млади луѓе на североисточните падини, притиснати и од исток од аскерот. Сите паѓаат убиени, што го отвора патот за силен напад на Ножот. Плутоните од пушките се засилуваат. Се слушаат бомби. Обрачот се стега.

Со борбените дејства раководи Енвер-бег. Единицата ги напаѓа комитите. Изнемоштените и жедни комити на сувиот и гол рид се борат за последното парче слободна земја. Ги испраќаат и последните куршуми кон непријателот. Бараат помош, но не добиваат, дел од четите се повлекле. Ги прават последните напори да се приберат кон врвот. За кратко време сите се убиени. За јуриш Енвер-бег ја избрал источната падина, која била без обезбедување. Другите живи ги гледаат нападот и сопствената смрт, но решаваат херојски да загинат. Момент на себежртвување за татковината Македонија и за македонскиот народ.

Некои ги чуваат последните куршуми, други ги кршат пушките и уништуваат сѐ што има од вредност. Ги оставаат последните куршуми од револверите насочени кон нивните глави, или последните бомби. Сред пеколот се слушаат борбените извици и последното ура. Штама… Месо, коски, раце, нозе останува на врвот. На Ножот престанува пукањето. Тивко е. Тече крв.

„Гледате ли како хероите ја презираат смртта?!“

По заземањето на Ножот турските војници биле вчудовидени од величествената глетка. Некои од нив почнале да се изживуваат врз загинатите комити, но мајорот Енвер беј го запрел тоа. „Никој не смее да ги допре и да ги нагрди хероите! Гледате ли како комитите ја презираат смртта? Се борат и умираат како херои!“. Издава заповед да се испукаат три плутони во чест на 54-те комити, кои мртви лежеле пред него и подолу, во подножјето на планината. Нивните тела се закопани, по наредба на Енвер-беј, во близина на врвот од месните селани.

Четата на комитите на врвот Асенова Глава ги одбива нападите од селото Смиловци и се повлекува. Четите на Михаил Чаков и Велко Апостолов-Попадиски се повлекуваат од Попадиската Река во правец на селото Подлес. Со падот на ноќта четите се повлекуваат и турските војници им ја губат трагата. Во следните неколку дена аскерот наоѓа и убива неколку изгубени и повредени четници. Вкупниот број на загинатите комити во областа на Ножот е 67.

Од нив 45 загинуваат на самиот врв, на Ножот. Други 10 се убиени во подножјето на планината Асенова Глава, шест лица паѓаат при повлекувањето од врвот, еден е убиен на Мирчовата Ледина, четворица комити се опколени во една плевна – двајцата се убиени, а другите двајца (повредени од претходниот ден) се изгорени живи. Еден фатен комита е обесен по два дена во Велес. Подоцна приказната за настанот, за јунаците кои се бореле до последниот куршум и последната бомба, како и фотографии, се пренеле во повеќе делови од светот.

Вториот ден по погибелот, пред да бидат погребани, на Ножот дошол италијанскиот капетан Џузепе Луци и со својот фотоапарат го овековечил подвигот на македонските херои.  Откако ја направил историската фотографија на мртвите тела, која е денес најубедливо визуелно сведоштво за херојството на младите Македонци, Луци се вратил во Прилеп. На членовите на Револуционерниот комитет им рекол: „Тие не загинаа, тие сите се самоубија! Гордејте се со вашите синови!Тие победија!“

Прилепчанецот Александар Ивановски-Глоговичанец, роден жител на селото Никодин, кој повеќе од половина век ја истражува славната Епопеја на Ножот, објавил во 2018 година книга за хероите, кои безмерно го задолжија македонскиот народ. Но, тој раскажуваше со револт за инертниот однос на државата кон саможртвата на хероите на Ножот.

„Ножот треба да го претвориме во македонско патриотско светилиште, каде што ќе можеме да отидеме и да им се поклониме на овие наши македонски синови. Таму да им се држат часови по историја на децата. Македонската држава не им изгради вистински споменик, кој ќе ја симболизира македонската борба. Нашата власт, и поранешната и сегашната целосно ги заборави овие македонски херои. Народот си го сака Ножот, секогаш го одбележувал, оди и ги почитува хероите, им пали свеќи. Порано, за време на социјализмот годишнината на тој настан се одбележуваше достојно.  Борците го ценеа тој херојски чин, зашто Ножот за време на антифашистичката борба беше нивна инспирација.“ – има кажано Александар Ивановски-Глоговичанец.

Бугарската пропаганда продолжува и денес и се обидува со ширење фалсификати да докаже дека тоа „Бугари се бореле на Ножот“, и покрај сета објективна историска вистина и факти.

Подготвил: С.Т., со користење на статијата „Записи од минатото како поуки за иднината“ на „Нова Македонија“ од 14.7.2022, статијата „Тивко е на Ножот 114 години по почесниот турски плотун за македонските јунаци од епопејата кај прилепско Ракле“ на „Денешен весник“ од 14.7.2021, статијата „Битката на Ножот – највеличествената страница на македонската историја по Илинденското востание“ на „Пулс 24“, објавена на 14.11.2018 година, како и различни историографски извори.