Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска не дојде на вонредната седница на Советот на Градот да каже за несобирањето и таложењето смет на скопските улици што деновиве скапуваше низ градот. Ја немаше ниту директорката на „Комунална хигиена“, Косана Мазнева-Николиќ. Претседателот на Советот, Трајко Славески, рече дека од Арсовска не добил никакво известување дека таа нема да дојде. По координацијата на советничките групи го прочита заклучокот, во кои се предвидени и мерки за редовно собирање на ѓубрето.

Меѓу заклуоците е и детална проверка на договорите на вработените, за коишто има сомнеж дека не се појавуваат на работа, а земаат плата.
Координаторката на советничката група на СДСМ, Љубица Јанчева, која беше иницијатор за свикување на оваа вонредна седница, рече дека Арсовска има игнорантен и неодговорен однос кон градот, но и кон советниците, и побара таа да си поднесе оставка поради неспособноста да го менаџира градот.
Со слични обивнувања на говорницата излезе и координаторката на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска, која кажа дека присуството на градоначалничката и на директорката на ваква седница е задолжително бидејќи граѓаните очекуваат одговори, а не дневна политика и популизам.

За овие заклучоци на седмата седница на Градот едногласно гласаа 24 советници. Инаку, ова не е прв случај на отсуство на градоначалник кога се во прашање седниците на Советот на Град Скопје. И во минатото Арсовска ги избегнуваше и седниците кои беа наменети за советнички прашања.





