„За да водиш дипломатија и за да ги браниш интересите на својата земја, што е примарна цел на секој дипломат, многу е важно да си ја сакаш својата држава и да си добар познавач првенствено на нејзината историја“, вели во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент, доц. д-р Викторија Трајков, кариерен дипломат и стратешки соработник за меѓународна политика на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за порталот Магазинтуризам.
Таа смета дека во моментот македонската надворешна политика ја водат „скромноумници“ кои не влегле во библиотека и не знаат ништо за македонската историја.
,,За жал, она што го гледаме од претставници на моменталната власт кога ќе ја поминат границата на Македонија е само однесување на агенти на добро организирана туристичка агенција. Шетаат по продавници и кафани, трошат пари од државни картички, како да се голи и гладни. Освен период на историска срамота за Македонија и Македонците, не видовме ништо друго. Во моментот, македонската надворешна политика ја водат „скромноумници“ кои не влегле во библиотека, а дома ја немаат. Не знаат ништо за македонската историја, не прочитале ништо од архивите за својата земја, а веројатно ја прескокнале и фазата во животот каде што се учи основата, кој бил окупатор, кој тиранин, кој колел и бесел и во каква положба бил нивниот народ, македонскиот. Следствено на тоа, имаме комплетно дисфункционален систем за одбрана на македонските национални интереси. Како професор, ако треба да оценам, не би дала ни шестка на „стаклени нозе“. Како судија во име на македонскиот народ, црвен картон без размислување”, вели Трајков.
Таа дава своја анализа за состојбите во МНР.
,,Во моментов, но и во последните 6 години од кога е оваа гарнитура на власт, ние имаме дипломатија во која владеат непотизам и партизација, се ангажираат вработени по нивно пензионирање со изговор дека не може да се најдат соодветни замени, се доделуваат награди како додаток на плата на одредени вработени без релевантни критериуми, се злоупотребуваат службени возила за партиски цели, се прават поделби на подобни и неподобни дипломати и се занемаруваат трудот, искуството и работата на дипломати од кариера кои се повеќе од 20 години во дипломатската служба. Злоупотреба на државни средства од страна на неколку амбасадори, но и дипломати од понизок ранг за кои нема никаква разрешница.
Тука би го спомнала и случајот со државниот секретар во МНР, кој воедно е и претседател на Комисијата за надворешна политика на СДСМ, што претставува директно прекршување на Законот за надворешни работи. Во Членовите 63-а и 63-ѓ од Законот за надворешни работи, експлицитно е наведено дека вработен во МНР не смее да биде член на орган на политичка партија на републичко ниво, како што е случајот со државниот секретар.
За да биде скандалот уште поголем, тој во својство на претседател на Комисијата за надворешна политика на СДСМ оди во посета на соседна држава со службено возило од МНР и носи со себе вработени од МНР кои сите ние ги плаќаме.
Имаме ситуација каде што амбасадорот при ОН во Њујорк воопшто не се појавува на работа од првиот ден кога е таму пратен. Понатаму, имаме пример на злоупотреба на буџетски средства и недомаќинско работење, каде што за амбасадорот во Вашингтон се исплаќаат огромни средства за кирија, а таму имаме резиденција за амбасадор во сопственост на Република Македонија која седи празна затоа што на човекот не му се допаѓало да живее таму.
Најнов пример, сега актуелен е амбасадорот во Токио. Против човекот се води постапка и е вратен во земјава поради физички напад и недолично однесување. Сумирано, состојбите во македонската дипломатија се повеќе од катастрофални”, вели Трајков.
Целото интервју на Трајков на овој ЛИНК






