Коњановски за седницата на Советот: Целосна блокада на Битола

По полноќ со ваква фотографија на својот фејзбук профил се огласи градоначалникот на Битола, Тони Коњановски коментирајќи ја седницата на Советот на Општина Битола.



„Новото мнозинство на СДСМ и Поинаку го направија токму она на што предупредив утрово. Претседателката на Советот, Габриела Илиевска, продолжува со популизам и своеволие да и штети на Битола. Вакво незаконско работење од страна на претседател на Совет, не е запаметено досега во Битола.

И покрај, предупредувањата од општинската администрација, за законските ограничувања, беа усвоени амандмани, а со тоа и ребаланс кој ја надминува дозволената рамка и нема да биде вчитан од Министерството за финансии. Со ова, не се одобрија средства за:

– Професионалните спортски клубови и дореализација на реконструкцијата на спортската сала „Боро Чурлевски“

– Лицата со ретки болести

– Реконструкција на Планинарски дом Копанки

– Продолжување на реконструкцијата на улица Драгорска, улиците во Горно и Долно Оризари

– Субвенции за сите апликанти за клима уреди

Незаконското работење на претседателката Габриела Илиевска, единственото што ќе и го донесе на Битола е само назадување и стагнација!“ стои во објавата на Коњановски.