Машката кошаркарска репрезентација на Македонија до 20 години го декласира директниот конкурент Бугарија со 83:54 на Европското првенство од дивизијата Б во Скопје и направи голем исчекор кон четвртфиналето.
За тоа на избраниците на селекторот Никола Василев ќе им биде доволна каква и да е победа над аутсајдерот Ирска утре од 18:30 часот, за и во случај на ист број бодови со Бугарите и со Чешка, од која загубија на стартот, да се најдат на едно од првите две места во групата А што водат меѓу осумте најдобри селекции.
„Црвено-жолтите“ ја загубија првата четвртина со 18:15, но во останатите три беа подобри со двоцифрена разлика од источниот сосед, добивајќи ги со 25:15, 24:12 и 19:9, на одушевување на исполнетите трибини на СРЦ „Кале“.
Теодор Симиќ беше најдобар поединец на средбата со 21 поен и 8 скока, Андреј Митревски запиша 18 поени и 6 асистенции, а Андреј Петков 11 поени.






