Стаорци како мачки се појавија низ Скопје, откако градот беше затрупан во ѓубре – Ќе има ли еднаш засекогаш одговорност?!

Снимки од староци низ центарот на Скопје се споделуваат на социјалните мрежи. Видеата се направени синоќа во Дебар Маало. Се гледа како стаорците се движат во близина на кантите за отпад. Во позадина се слуша женски глас кој ја коментира појавата. Ова се случува откако изминатите три дена градот беше затрупан во ѓубре.



На завчерашната прес-конференција градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска рече дека директорката Косана Мазнева била во право кога најавила дека граѓаните на Скопје ќе трпат големи штети и дека ќе се појават стаорци низ улиците откако вработените на ЈП „Комунална хигиена“ одлучија да започнат штрајк и да прекинат со работа.

Синоќа градоначалничката Арсовска и директорката на претпријатието истакнаа дека состојбата во „Комунална хигиена“ е нормализирана и продолжено е со редовното собирање на смет.

Паралелно, епидемиологот Драган Даниловски јавно прашува зошто никој од надлежните не се огласил со ниту еден збор, макар и со совет за граѓаните како да го заштитат своето здравје изминатите денови, кога Скопје се давеше во ѓубре. Тој на својот фејсбук профил вели дека за него е нејасно зошто надлежните молчеа, кога на Скопје му се случуваше „мијазма“ во 21 век. Тој вели дека токму кога пандемијата на Ковид-19 сѐ повеќе почна да се повлекува од свесниот видокруг на нашето секојдневие, наеднаш, метрополата, пред три дена, осамна затрупана во ѓубре по улиците, среде лето – небаре е некој средновековен град, кога граѓаните едноставно си го истурале ѓубрето под пенџери.

  • – „И под пеколното сонце, почна реа од распаднати органски материи да се шири низ градот, неумоливо продирајќи во секоја пора на градот. И во секоја клетка на сѐ што е живо… „мијазма“ во 21 век!“, пишува д-р Даниловски.

Понатаму тој вели дедка светот, кој е надвор од нашиов средновековен меур,  крши копја околу придобивките и ризиците од вештачката интелигенција, испитува можности за продолжување на човечкиот век, наспроти турбуленциите предизвикани од сурова војна среде Европа.

  • – „А ние? Ние се занимаваме со ѓубре“, додава епидемиологот.