Турскиот претседател Ердоган се согласи да го поддржи влезот на Шведска во НАТО, изјави шефот на НАТО Јенс Столтенберг.
Ова е договорено на средбата на шефот на НАТО со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и шведскиот премиер Улф Кристерсон во Вилнус, во пресрет на самитот на Алијансата што почнува утре.
Тој додаде дека пристапниот протокол започнува и дека Турција наскоро ќе го ратификува влезот на Шведска во Северноатлантскиот договор.
„Претседателот Ердоган се согласи да го проследи протоколот за пристап на Шведска до Големото национално собрание (турскиот парламент) што е можно поскоро и тесно да соработува со собранието за да обезбеди ратификација“, рече Столтенберг.
Тој го опиша тоа како историски чекор, но нагласи дека сè уште не може да се даде јасен датум кога Шведска би можела да се приклучи на воената алијанса.
Шведскиот премиер рече дека ова е добар ден за Шведска и дека тоа е голем чекор кон членството.
Шведска и Финска аплицираа за НАТО минатата година по руската инвазија на Украина. Финска доби зелено светло во април годинава и првпат учествува на овој самит како полноправна членка, но на Шведска и попречија Турција и Унгарија. Будимпешта соопшти дека ќе го одобри шведското членство откако Турција ќе го одобри.
Ова е пресврт затоа што турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган уште денеска изјави дека Европската унија треба да го отвори патот за пристапување на Турција во ЕУ пред турскиот парламент да го одобри приемот на Шведска во НАТО.
Ердоган: Шведска во НАТО, кога ќе го отворите патот на Турција за ЕУ
Шведска се согласи „како членка на ЕУ активно да ги поддржува напорите насочени кон заживување на процесот на пристапување на Турција во ЕУ“, рече генералниот секретар на НАТО.
Пристапувањето на Турција во ЕУ е замрзнато со години. Пристапните преговори започнаа во 2005 година, кога Ердоган беше за прв пат премиер. Односите меѓу Анкара и земјите-членки на ЕУ се влошија пред неколку години, особено по неуспешниот обид за државен удар во Турција во 2016 година, но оттогаш значително се подобрија.
ЕУ зависи од помошта на Анкара првенствено во однос на миграцијата.







