„Убеден сум дека постои решение за името и ред е, секако, тоа решение за граѓаните на Грција да го соопшти премиерот Алексис Ципрас, а јас на моите граѓани овде да им го соопштам решението. Но, верувам дека постои можност до крајот на првата половина од 2018 година да изнајдеме решение, кое што дефинитивно ќе ја унапреди соработката меѓу нашите две земји и кога, конечно, јас ќе можам да кажам како премиер на мојата земја дека стекнавме уште еден голем сојузник, а тоа е нашиот јужен сосед“, изјави во синоќешното интервју за грчката телевизија Алфа македонскиот премиер Зоран Заев.



Прашан дали постојат „црвени линии“ во изнаоѓањето на решението за идното име на Македонија, премиерот изнесе мислење дека, доколку постојат, тие „црвени линии“ би биле само кочници и би го блокирале процесот за изнаоѓање решение.

Тој рече дека за него црвена линија е линијата која би светела како „водилка, која во мрачниот пат ќе нè води кон решение на проблемот“… и служејќи се со примерот од грчката митологија за „конецот на Аријадна“ додаде дека треба „да го спречиме ‘Минотаур’, кој се испречил на патот на нашето решение“, рече премиерот.

На по малку провокативното прашање на водителот дали „требал да му верува“ на ова за што зборува премиерот, со оглед на тоа дека кога ја поминувал границата некој постар човек го предупредил „да не му верува“ (!?) на македонскиот премиер, Заев со одговор: „Јас сум политичар кој стои зад својот збор. Во сите политики кои досега имав прилика да ги имплементирам во мојата земја, зборот остана збор“ и потсети дека тој го исполнил ветувањето дека ќе се реши и спорот со Бугарија.

 

https://youtu.be/gXfOP_uOtoQ