Првиот човек на Управниот суд во Скопје Бурим Сејдини е осомничен за намерно застарување на над 190 предмети од 2021 до 2023 година, главно финансиски предмети од Царината и од Управата за јавни приходи, тврдат вработени во Судот кои поднесоа кривична пријава против него за злоупотреба на службената должност.



Неофицијално, нанесената штета на државниот буџет би изнесувала милиони евра.

Кривичната пријава која ексклузивно ја обезбеди Алсат е испратена до Финансиската полиција, Комисијата за спречување на корупцијата, премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска.

Пријавата содржи и сомневања за рачна распределба на предметите, иако Сејдини бил должен тоа да го прави преку електронскиот АКМИС систем.

Според анонимните пријави од вработени, Сејдини е осомничен и дека неодамна вработил две лица во судот, но според нив, тоа е спротивно на законот бидејќи се работи за мајка и ќерка и дека во овој случај има конфликт на интерес.