Вработени во „Комунална хигиена“ синоќа не дозволуваа камионите за чистење на смет да ја поминат капијата и легнаа на земјата, по што интервенираа специјалци и ги тргнаа демонстрантите на страна, пропуштајќи ги возилата.



При интервенција на полицијата повредени се тројца вработени, соопшти синдикатот, пренесе Макфакс.

Интервенирала и екипа на Брза помош – на носилка однесе работник, облечен во униформа.  Засега не се знае што точно му се случило.

Од синдикатот велат дека решението не треба да биде на ваков начин, туку преку дијалог.

„Комуналци“ протестираат откако на десетина нивни колеги не им биле продолжени договорите за работа, а дополнително бараат и поголеми плати.

Направени биле неколку обиди од страна на синдикатот да стапат во контакт со директорката Косана Мазнева, но обидите поминале безуспешно. Последниот обид бил денес, кога им кажала дека ќе ги контактира.

Главниот револт на вработените, како што беше посочено, е тоа што нема покачување на платите, К-15 и бенифициран стаж. Вработените се извинија за неподигнатиот смет и повикаа на разбирање од скопјани за нивните проблеми.