Бајден: Не мислам дека Украина е подготвена за НАТО

Американскиот претседател вчера отфрли секаква можност Украина да добие брза покана за НАТО на следниот самит на Алијансата идната недела.



„Не мислам дека (Украина) е подготвена за членство во НАТО“, изјави Џо Бајден за Си-Ен-Ен.

„Не мислам дека има консензус во НАТО за тоа дали Украина треба или не да биде внесена во семејството на НАТО сега, во овој момент, среде војна“, рече Бајден.

Тој објасни дека НАТО е решен да ја брани секоја педа од територијата што им припаѓа на земјите-членки и дека приемот на Киев додека трае конфликтот на територијата на Украина практично ќе ја доведе Алијансата во конфликт со Русија.

„Тоа е обврска што сите ја презедовме, без разлика на се. Ако војната е во тек, тогаш сите сме во војна. Во тој случај би биле во војна со Русија“, нагласи Бајден.

Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан, вели дека средбата во Вилнус „ќе биде важен момент на тој пат кон членството“, но дека Украина има „понатамошни чекори што треба да преземе“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски долго време се залага за НАТО да го отвори патот за членство на Киев.

Зеленски ќе присуствува и на состанокот на Алијансата закажан за 11 и 12 јули во Вилнус.